СКОПЈЕ – Грчката компанија „Архиродон“ која требаше да ја гради хидроцентралата „Чебрен“ на Црна Река не успеала да собере пари за изведба на проектот од банкарски кредити и затоа и овој тендер, четиринаесетти по ред, пропаѓа. Владата нема да бара активирање на банкарската гаранција од грчката компанија во висина од 1,4 милиони евра и допрва ќе одлучува дали ќе се оди со нов тендер или пак Владата ќе се обиде да ги најде парите за изведба на овој капитален и стратешки проект за државата.
„Тендерот пропадна бидејќи понудувачот не достави продолжување на банкарската гаранција, со тоа понудата веќе не важи. Знаете дека беше Ковид криза, енергетска криза се променија условите на пазарот и најверојатно тоа имаше влијание во одлуката. Не навлегувам кои се причините зошто грчката компанија се откажа“, изјави Каја Шукова, министер за животна средина на денешниот брифинг со новинарите и додаде дека можеби и притисокот од јавноста проектот да не се дава на странска компанија имале влијание.
Сепак информациите говорат дека „Архиродон“ имале потешкотии при обезбедување на една милијарда евра од банкарски кредити за изведба на проектот „Чебрен“ па затоа и ја прекинале комуникацијата со Владата која била исклучиво по писмен или електронски пат. Од Владата на 15 декември бил испратен допис до грчката компанија дека нивната банкарска гаранција истекува на крајот од годината, но повратен одговор од таму не добиле.
Не навлегувам кои се причините зошто грчката компанија се откажаШукова
Минисерката Шукова изјави дека гаранцијата во висна од 1,4 милиони евра нема да се активира бидејќи „Архиродон“ не го потпишале договорот, активирана би била во случај да ја повлечеле понудата.
„Физичка релација не, целата комуникација се одвиваше по писмен пат. Додека трае постапката не е упатно да имате состаноци со компанијата“, објасни Шукова.
По дваесет години и четиринаесет неуспешни тендери, каква треба да биде иднината на проектот „Чебрен“ останува дилема и за министерката Шукова. Таа смета дека експертите од областа на енергетиката треба да го имаат конечниот збор.
„ Повеќе од дваесет години се спроведуваат тендерите за „Чебрен“. Министерството го водеше овој процес бидејќи стануваше збора за хидроелектрана. Јас сметам дека оние кои се бават со енергетика, бидејќи долги години поминаа, да седнат да размислат како да се одвива овој процес понатаму. Дали повторно да се оди на тендерска постапка за концесионер или треба да оставиме да го гради државата. Јас ова би го оставила на енергетичарите, не е надлежност на министерството“, рече Шукова.
Дали повторно да се оди на тендерска постапка за концесионер или треба да оставиме да го гради државата. Јас ова би го оставила на енергетичаритеШукова
Она што е јасно е дека проектот кој тежи над една милијарда евра е исплатлив на долгорочен план а тоа го покажале сите досегашни анализи. Токму затоа дел од експертската енергетска јавност беше против грчката компанија „Архиродон“ да го гради „Чебрен“ и бараше тоа да го стори државата. Здружението на инженери се на ставот дека државата има капацитет да го изгради овој капитален проект, парите нема да се одлеат во странска фирма и затоа поднесоа претставки до неколку институции и претседателот Пендаровски.
Според договорот кој меѓу Владата и „Архиродон“ склучен во септември годинава, грчката компанија по изградбата на „Чебрен“ ќе стопанисуваше под концесија со неа во наредните шеесет години а покрај тоа требаше да ја добие и хидроелектраната „Тиквеш“. Токму ова беше клучното што го оспоруваа експертите бидејќи нивните калкулации покажуваа милионски профит за изведувачот.
Изградбата на хидроелектрана „Чебрен“ е стратешки проект бидејќи би била една од клучните алки во енергетскиот систем и производство на електрична енергија, ќе придонесе кон транзиција од обновливи извори на енергија и ќе го намали притисокот врз термоелектраните кои користат јаглен и се основни извори на производство ан електрична енергија.