Владата ќе поддржи секаков договор меѓу Синдикатот и работодавачите за покачување на минималната плата

ССМ и работодавачите остануваат вкопани во своите ровови кога станува збор за минимална плата во висина од 450 евра. Во Буџетот за 2025 година кој сеуште е во Собрание предвидени се 105 милијарди денари за исплата на пензии со што ќе се покрие и најавеното зголемување на пензиите од 2.500 денари

СКОПЈЕ – Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавачи (ОРД) остануваат на своите ставови, дијаметрално спротивни и по вториот состанок на Економско- социјалниот совет (ЕСС) околу прашањето за висина на минималната плата. Синдикатите не отстапуваат од барањето за 450 евра минимална плата додека работодавачите велат дека паушални барања нема да прифатат и зголемувањето на платите мора да биде согласно законот. Владата, пак, порача дека за нив е прифатлив било каков постигнат договор меѓу нив.

Your browser doesn’t support HTML5

Ако Синдикатот и газдите се договорат за минималец од 450 евра, Владата ќе прифати

На денешната втора седница на Економско социјалниот совет (ЕСС), најмногу време присутните посветија на Буџетот за наредната година и сумите предвидени за исплата на плати во јавниот сектор. Од Синдикатот нагласуваат дека нема да има поместување по однос на нивното барање – минималец од 450 евра и додаваат дека се задоволни што за наредната година во Буџетот се предвидени речиси 14 отсто повеќе средства за исплата на плати во јавната администрација.

Во Буџетот охрабрува тоа што 13,8 проценти повеќе пари се предвидени во делот за платите
Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

„Во Буџетот охрабрува тоа што 13,8 проценти повеќе пари се предвидени во делот за платите. Очекуваме Владата да ги распредели како што е предвидено со Општиот колективен договор и сите вработени во државата наредната година во месец март да добијат следствено процент од коефициент на сложеност по просечна плата. Не изостана ни прашањето кое е многу битно за огромен број работници,. Близу 30 илјади кои примаат плата до или над минимална плата. Со растот на платите во јавниот сектор нема да има ниту еден работник со плата под 450 евра и нема да има никакво финансиско отпретување доколку минималната плата се зголеми на 450 евра. Предложивме на работодавачите од приватниот сектор да го легализираат тоа што денес нелегално го прават односно исплата на плати на рака“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Во Буџетот за 2025 година кој сè уште е во Собрание предвидени се 105 милијарди денари за исплата на пензии со што ќе се покрие и најавеното зголемување на пензиите (Фото: Работници на градилиште во Скопје)

Од Организацијата на Работодавачи велат дека на денешната седница воопшто не станало збор за покачување на минималната плата. За барањето на Синдикатот остануваат на ставот дека е паушално а минималната плата ќе се покачува согласно законот.

Паушално зголемување на минималната плата не води кон напредок и раст на економијата во една држава
Владанка Трајковска, претседателка на Организација на работодавачи (ОРД)

„Знаете дека имаме став дека паушално зголемување на минималната плата не води кон напредок и раст на економијата во една држава. Имаме закон за минимална плата, ние го почитуваме законот, работиме институционално и она што ќе биде во март како резултат од работењето во изминатата година ќе биде предмет на дискусија. Денес немаше никаков заклучок по однос на минималната плата и зголемување во приватниот сектор“, изјави Владанка Трајковска, претседателка на Организација на работодавачи (ОРД)

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата ќе чека Синдикатот и работодавачите да се договорат и ќе поддржат било какво решение. Тој е дециден дека во Буџетот има пари, а зголемувањето на минималната плата ќе биде на товар на работодавачите што ќе донесе повеќе пари во Буџетот. Доколку се јави потреба секој проблем ќе биде решен со ребаланс на Буџет.

„Ние како Влада сме во една позиција поразлична од двете страни. Ако гледаме од аспект на централниот Буџет колку е поголема минималната плата толку поголеми ќе бидат приходите во Буџетот. Ние не сакаме да се мешаме, ќе ги оставиме двете страни работниците и работодавачите, да се усогласат што е тоа што двете страни може да го прифати. Ние во случајот сме страна која може да фасилитира а не да одлучува. Се што ќе договорат ние како Влада ќе го прифатиме“, кажа премиерот Мицкоски.

Во Буџетот за 2025 година кој сè уште е во Собрание предвидени се 105 милијарди денари за исплата на пензии со што ќе се покрие и најавеното зголемување на пензиите од 2.500 денари во март и околу 53 милијарди денари за исплата на плати за вработените во јавната администрација.