Владата и банките ја договорија каматата – 1,95 проценти за парите од унгарскиот кредит

Компаниите ќе може да подигнат до 10 милиони евра и ќе мора да учествуваат со најмалку 20 отсто. Рокот за исплата е до петнаесет години со три годни грејс период.

СКОПЈЕ – Владата и банките си подадоа рака по двонеделни преговори и ја договорија каматата за парите од унгарскиот кредит наменет за бизнисот. Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека каматната стапка за фирмите ќе изнесува 1, 95 отсто но не откри преку кои банки ќе се пласираат парите.

„Договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Ценам дека е ова историски договор со историска најниска каматна стапка“, рече Мицкоски.

Условите за фирмите кои ќе сакаат да аплицираат за дел од 250 те милиони од унгарскиот кредит се дека може да добијат најмногу 10 милиони евра и притоа ќе треба да учествуваат со најмалку 20 отсто.

„Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од 300 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба“, кажа премиерот.

Минатиот викенд Владата и банките договорија рокот за исплата на парите од унгарскиот креид кои ќе ги подигнат фирмите да биде до 15 години со грејс период до три години.

Премиерот Мицкоски повтори дека основната камата до 3,25% во целост ќе ја плати државата а не банките со цел стопанството да добие финансиска инјекција под најповолни услови.