Владата го испрати Законот за амнестија во Собрание

Законот за амнестија, чиј предлагач е министерот за правда Кренар Лога, ќе се најде пред пратениците идната недела

Од Владата е предложено да се носи по скратена постапка. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека се против овој закон и неговото изгласување ќе го блокираат. Премиерот уверува дека не е направен за да се ослободат конкретни личности. Кој сè ќе биде амнестиран, сè уште не е познато.

СКОПЈЕ – Предлог-законот за амнестија денеска е доставен до Собранието, а од Владата е предложено да се носи по скратена постапка. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека се против овој закон и неговото изгласување ќе го блокираат со поднесување на амандмани.

Премиерот Димитар Ковачевски е дециден, новиот Закон за амнестија не е правен за личности туку за дела од помал обем и тежина.

„Во законот многу јасно е прецизирано кои дела не можат да бидат амнестирани. Со оглед на чувствителноста на одредени случаи кои се случиле во минатото во државата пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман. Диверзитетот на различни мислења по овој закон покажува дека можат да се земат различни аспекти за неговото функционирање и низ демократска процедура да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите политички партии и за јавноста. Може да се дојде и до решение кое нема да биде прифатливо, бидејќи има најава од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат“, прецизира Ковачевски и додаде дека пратеничката група од неговата матична партија ќе поднесе амандмани за да се спречи евентуално ослободување на лица кои беа осудени во случајот „Монструм“ – масакрот кај Смилковското езеро.

Премиерот ги демантира информациите на пратениците дека не го виделе Законот.

„Законот беше изработуван неколку месеци од страна на Министерството за правда и откако беше изработен беше испратен до сите пратенички групи во Собранието, вклучително и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и затоа не е точно дека не го виделе законот. Диверзитетот на различни мислења кои постојат за законот се добри и можат да се земат различни аспекти во однос на ефектите на законот“, појасни Ковачевски

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пак е децидно против амнестија на осуденици и смета дека нема да се постигне никаков ефект, а ќе се влоши безбедносната состојба. Анализите на МВР покажале дека голем број од претходно амнестираните осуденици завршиле повторно зад решетки.

„Апсолутно не е соодветно ниту времето ниту моментот за носење на Закон за амнестија. Опфатот е за прилично мал број на лица и нема да помогне. Ако ги погледнеме минатите закони за амнестија ќе видиме дека најголемиот број од тие лица за два до три месеци повторно се зад решетки поради повторно сторени кривични дела. Стратешки план и зголемување на капацитетите на казнено поправните установи ќе постигне подобар ефект “, изјави министерот Спасовски во саботата.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика министерот Спасовски да си даде оставка од Владата доколку е против законот за амнестија.

„Едната опција е ако не се согласува да ја напушти владата. Втората опција која ја има Спасовски, потенцира лидерот на опозицијата, е да молчи и да прифати дека тие коишто се опфатени со овој закон се озлогласени криминалци, луѓе кои што тргувале со недозволени супстанци или познати како наркодилери, переле пари, вршеле изнуда, правеле насилство и така натаму. И тие треба да добијат намалени затворски казни или дел од нив да добијат и целосна амнестија, за да потоа се најдат повторно на улиците и да повторно прават проблеми и го тероризираат чесниот граѓанин во Македонија“, рече Мицкоски.

Законот за амнестија, чиј предлагач е министерот за правда Кренар Лога, ќе се најде пред пратениците идната недела, а Лога најави дека самиот ќе го брани законот пред пратениците, со огледало и албум со слики од затворот „Идризово“ и потенцира дека е истиот Закон од 2018 година кој имал широка поддршка од политичките партии.

Законот предвидува целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудениците кои со правосилна пресуда се осудени на казна затвор поголема од шест месеци, се предлага ослободување од издржувањето на 30 отсто од целокупната казна. Амнестија нема да има за лицата осудени на доживотен затвор, за убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против државата, против човечноста и меѓународното право и против половата слобода и половиот морал.

Бројките говорат дека 286 затвореници кои се осудени на казна затвор до 6 месеци ќе бидат пуштени и ќе бидат слободни граѓани, а покрај овие осуденици намалување на казните ќе добијат уште 996 затвореници.

Сепак за кои лица станува збор јавноста сè уште нема информации, а списокот треба да го изработи Управата за извршување на санкциите.