Се уште е неизвесно дали шефот на руската дипломатија ќе допатува во Скопје, каде на крајот на ноември ќе се одржи Министерскиот совет на ОБСЕ. Официјална Москва пренела порака дека сака Сергеј Лавров да присуствува на овој настан, но за тоа се уште, на ниво на ОБСЕ - организацијата со која претседава Северна Македонија, не е донесена конечна одлука. Неофицијално, одредени земји-членки се против тоа Лавров, чија земја во февруари 2022 ја нападна Украина, да дојде на овој врвен собир на ОБСЕ. Официјално, според претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, се „процесуираат“ барањата на Москва.
Your browser doesn’t support HTML5
„Ги процесуираме сите барања на руската делегација за визи за доаѓање во Северна Македонија. Во моментот кога ќе има решение ќе ве информираме. Се уште немаме решение. Јас се надевам дека сите министри за надворешни работи ќе бидат во Скопје“, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Се уште нема ниту официјална потврда дека американската делегација што ќе дојде на Министерскиот совет во Скопје ќе ја предводи Државниот секретар Ентони Блинкен. Информациите во одредени дипломатски кругови се дека може да се смета на тоа дека Блинкен ќе допатува во земјава.
Но, ова не е единственото прашање со кое се соочува ОБСЕ. Поради руската агресија и блокадите од Москва организацијата се уште нема договорено која земја од догодина ќе го презема претседавањето. Во игра е и опцијата да продолжи мандатот на Северна Македонија.
„Се надевам дека во текот на неделата ќе се расчистат одредени дилеми за да можеме да зборуваме за конкретно решение за иден претседавач со ОБСЕ. Ако нема, одлуката најверојатно ќе биде донесена во Скопје – дали тоа ќе биде друга земја, дали ќе биде Северна Македонија, ќе одлучи Министерскиот совет во Скопје...“, рече Османи.
Во СЦ Борис Трајковски, каде ќе се одржи Министерскиот совет, во полн ек се градежните зафати за адаптација на просторот во кој ќе се одржи настанот на кој ќе присуствуваат делегации од 76 земји – 57 членки на ОБСЕ и останатите држави-партнери на организацијата. Ова ќе биде најголемиот меѓународен собие во историјата на Македонија.