Вевчани во друштво на најдобрите зелени туристички дестинации во светот

Your browser doesn’t support HTML5

Вевчани е првата и засега единствена македонска општина која е дел од престижната листа на најдобри светски зелени дестинации. А во светски рамки само околу 500 локации можат да се пофалат со оваа титула.

Иако е најмала општина во државата, Вевчани е првата и засега единствена во Северна Македонија која е дел од престижната листа на најдобри светски зелени дестинации. А во светски рамки само околу 500 локации можат да се пофалат со оваа титула, со која се здоби на светскиот натпревар „Top 100 Green Destinations“ каде се избираа одржливи туристички приказни и добри практики од дестинации ширум светот.

„Вевчани е едно поинакво место од големите дестинации. Мало место е но има примеси на модерно место со прекрасни природни убавини, кои го задржуваат вниманието на секој турист, историја, култура и традиција. Во green destination сме препознаени најмногу по нашите природни убавини и по тоа што е направено за заштитеното подрачје Вевчански извори- Споменик на природата“, вели Александра Велкоска, туризмолог.

Вевчанските извори се можеби најубави во овој период од годината, односно на зима, кога изворите се полни со вода и може да се види сета нивна убавина.

Инаку целото заштитено подрачје Споменик на природата „Вевчански Извори“ се наоѓа северозападно од Вевчани на источните падини на планината Јабланица, на надморска височина од 950 метри и опфаќа површина од 1370 хектари.