СКОПЈЕ -Преодот кон производство на струја од обновливи извори на енергија зема замав по промовирањето на новиот парк на ветерници кој ќе го гради инвестицискиот фонд „Алказар енерџи“ на потегот меѓу Карбинци, Радовиш и Штип. Инвестицијата тежи 500 милиони долари, ќе се изградат 55 ветерници кои ќе произведуваат еден терават електрична енергија односно 20 проценти од потребите на земјава што е доволно за 100 илјади домаќинства.
Премиерот Христијан Мицкоски заедно со дел од раководството на „Алказар Енерџи“ ја промовираа инвестицијата, прва по стапувањето на функцијата. За Мицкоски е клучно што со ова се трасира патот кон енергетска независност на државата.
„Со завршување на овој проект 100-тина илјади македонски семејства ќе може да се снабдуваат со електрична енергија од овие ветерници. Овој проект е значаен од многу аспекти - со него ќе се зајакне значително енергетската независност, што е наша цел, ќе го зголеми обемот на инвестиции и ќе отвори пат за нови инвестиции. Ваков тип на инвестиции покажуваат дека довербата во оваа Влада уште на самиот почеток е голема. Планот го имаме, луѓето ги имаме, останува само да ја завршиме домашната задача што сами ја поставивме“, рече премиерот Мицкоски.
Даниел Калдерон, ко-основач и управувачки партнер на „Алказар Енерџи“, најави дека ветерниот парк ќе почне да се гради во втората половина на 2025 година а првите мегавати струја ќе почнат да се произведуваат во 2027 година. Инвестицијата ќе отвори 630 нови работни места.
„Возбудени сме што ќе започнеме голем проект за ветерници во Западен Балкан, обезбедувајќи и на Северна Македонија достапна електрична енергија и создавање на локални работни места. ‘Алказар енерџи‘ ја гледа Северна Македонија како перспективна локација за инвестирање на обновлива енергија. Тоа ќе значи и создавање на нови работни места, од кои 630 ќе бидат во текот на изградбата, дополнителни 200 места во текот на работата на електраната, значи во следните 20 до 30 години. Потоа ќе се овозможи намалување на цената на електричната енергија“, изјави Калдерон.
Алказар енерџи е најголемиот инвеститор на обновливи извори на енергија во пазарите во развој. Има изградено ветерни и фотоволтаични електрани во Јордан и Египет. Во 2021 година, му ги продаде своите капацитети на кинески инвестициски фонд. Сега најавува изградба на ветерни централи во Црна Гора и во Северна Македонија.