Вештачката интелигенција се заканува со лажно насочување на гласачите

Your browser doesn’t support HTML5

Вештачката интелигенција е дел од политичкиот живот во САД, од собирање средства до рекламирање на кампањите. Но, некои законодавци бараат контрола на ВИ на годинешните претседателски избори, стравувајќи дека може лесно да дојде до измами на гласачите. Известува Скот Стернс. 

Досега вештачката интелигенција во оваа претседателска кампања беше најизразена на прелиминарните избори во Њу Хемпшир, каде што илјадници гласачи добија повик од глас кој звучеше како Џо Бајден да им каже да не гласаат.
„Гласањето овој вторник само им овозможува на републиканците во нивната мисија повторно да го изберат Доналд Трамп“, гласеше лажниот, ВИ-повик од Бајден.

Лажниот глас го направил магионичарот од Луизијана, Пол Карпентер, за 150 долари.

„Ако некој бара некакoв знак, не лажен, туку како проблем дека нешто лошо се случил, јас сум тоа“, рекол Карпентер.

Американскиот сенатор Ричард Блументал вели дека нема време да се чека друго предупредување.

„Дезинформациите и дипфејк вестите ќе се појават во американската јавност. Ќе дојдат во форма на политички реклами и други форми на дезинформации кои се овозможени со вештачката интелигенција. Постои јасна опасност за нашата демократија“, вели Блументал.

На сослушување во Сенатот за употребата на вештачката интелигенција на овие избори, сенаторот Џош Хејли рече дека е време да се реагира.

„Опасностите од оваа технологија без заштита и без безбедносни карактеристики стануваат страшно очигледни. И мислам дека прашањето сега е, дали ќе треба да гледаме како се развива некоја катастрофа?“, посочи Хејли.

Веќе е можно да се детектираат повици како оној во Њу Хемпшир, вели креатор на вештачки гласови Зохаиб Ахмед.

„Веруваме дека со помош на вештачка интелигенција веќе лесно може да се провери интегритетот на аудиосодржината“, објаснува Ахмед.

Со примената на таа технологија, она што недостасува е регулација, вели претприемачот за откривање дипфејк информации Бен Колман.

„Постои навистина убава рамка и во регулативите на национално и на државно ниво. Кога прикачувате нешто, на пример, на Јутјуб, тоа се проверува за неколку работи. Се проверува дали има насилство. Се проверува дали има малолетни слики. Се проверува дали ја прикачувате најновата песна на Дрејк? Тоа е поради прописите. Значи, да се скенира за генеративни медиуми, тоа би можело да биде уште една проверка во истиот систем“, смета Колман.

Федералната изборна комисија на САД ги разгледува правилата со кои би се забранила употребата на вештачка интелигенција во рекламите, за намерно да се измамат гласачите.

Државниот секретар на Њу Хемпшир, Дејвид Сканлан, изјави пред Сенатот, дека непроверената генеративна вештачка содржина, како лажниот повик на Бајден, ја загрозува довербата на гласачите.

„Најосновното, најважното нешто што јас го гледам во мојата улога како државен секретар е да се погрижам изборите да не бидат загрозени, гласачите да веруваат и да знаат дека биле спроведени фер според највисоките можни стандарди. И ако го изгубиме тоа, ќе биде многу, многу тешко да го вратиме“, вели Сканлан.

Во Њу Хемпшир, законодавците работат на тоа да бараат политичкото рекламирање, во рок од 90 дена од изборите, да открие дали аудио, фотографии или видеоцитати „биле манипулирани или генерирани со технологијата на вештачка интелигенција и дали покажуваат говор или однесување што не се случило”.