Верските ставови и политики на Трамп и Бајден под лупа на гласачите во САД

Your browser doesn’t support HTML5

Ако ги прашате кандидатите за претседател на САД кој е најрелигиозен, големи се шансите и двајцата да кажат: „Јас сум“. Дописничката Каролин Пресути, ги разгледува верските ставови и практики на претседателот Џо Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп.

За некои, митинг на Доналд Трамп е како црква.

„Мојата вера во Исус е многу важна. И знам дека постои лидер, Доналд Трамп, кој веќе беше претседател, кој заврши одлична работа кога беше на функција, кој се враќа и ќе ги врати тие вредности, ќе ја врати побожноста во канцеларијата и во нашата земја“, вели Треј Мулинс, поддржувач на Трамп.

Коментарите на поранешниот претседател за религијата се прифаќаат добро од евангелистите и другите конзервативни христијани.

„Ние ќе ги заштитиме христијаните во нашите училишта, во нашата војска и нашата влада“, рече Трамп.

„Господ, оружје и Трамп е веројатно една од моите најпродавани кошули, и така е веќе изминативе две или три години“, вели Томас Исбел, продавач на сувенири.

Но, Трамп е далеку од типичен конзервативен христијанин. Поранешниот претседател двапати се разведуваше. Нему му се суди за кривично дело за фалсификување деловни досиеја - записи поврзани со уплата на пари на порноѕвезда, со која тој наводно имал секс.

Некои аналитичари велат дека Трамп го користи судскиот случај за да се спореди со Исус, за кого христијаните веруваат дека умрел за гревовите на светот.

„Трамп всушност ја позајми таа реторика во последно време. Го видовме како вели: „Ме обвинија поради вас“, објаснува Роберт П. Јонс, од Инситутот за религиски истражувања.
Тој не е некој што редовно оди во црква, но на неговата платформа промовираше Библија за продажба. Анкетата на Асошиетед прес покажа дека осум од 10 бели евангелистички христијани го избрале Трамп на последните претседателски избори.

Истражувањето на центарот „Пју“ оваа година покажа дека црните протестанти го претпочитаат Бајден.

Без разлика дали е сабота навечер или недела, претседателот Џо Бајден присуствува на католичката миса, обично во Делавер, каде што има куќа, или во Џорџтаун, ако е во Вашингтон.

Со тоа се поврзуваат неговите поддржувачи.

„Тој одеше во католичко средно училиште само за момчиња и е прилично сериозен во врска со својата католичка вера“, вели Питер Суливан, волонтер во кампањата на Бајден.

Бајден и првата дама се сретнаа со папата во Ватикан во 2021 година. Папата Фрањо му рече на Бајден, вториот католички претседател на Америка, дека може да продолжи да се причестува, и покрај неговите ставови за абортусот.

Ставот на Бајден за правото на абортусот е комплициран за некои католици. Всушност, анкета од последните избори покажа дека католиците се поделени 50-50 за Трамп и Бајден.

„Прашање број еден е она за забрана на абортусот. Одвратно е да се гледа како Џо Бајден се прогласува себеси како католик и не се залага за граѓаните на САД родени надвор од државата“, вели Аура Стритман, гласачка.

Кога Бајден зборува за религија, тој зборува за инклузивност.

„Универзална порака за надеж, радост, љубов, без разлика дали сте христијанин, дали сте Евреин, муслиман, будист или која било друга вера или ако воопшто немате вера. Ни зборува нам како човечки суштества кои сме тука на оваа земја првенствено за да се грижиме еден за друг“, рече Бајден.

Генерално, Бајден ја практикува својата вера традиционално, додека Трамп сугерира дека господ е присутен во неговиот живот.