Вербата за олимписки успех е со нив: Милијана и Анастасија ќе ги бранат македонските бои во Париз

Македонските спортистки Милијана Рељик, текводно, и Анастасија Мојсовска, стрелаштво, се подготвуваат за Олимпијадата во Париз

Теквондистката Милијана Рељик сака да се врати со медал, а стрелачката Анастасија Мојсовска да се престави во одлично издание. Такви се очекувањата на двете македонски спортистки што засега обезбедија учество на олимписките игри летово во Париз. Автор, Мики Трајковски.

Сон на секој спортист е да учествува на Олимписки игри, кое е најголемо спортско натпреварување велат Милијана Рељиќ и Анастасија Мојсовска, кои ќе ја претставуваат Северна Македонија на претстојната Олимпијада во Париз. Милијана ќе ги брани боите на државата во теквондо, а Анастасија во спортско стрелаштво. До учество на вака голем настан велат стигнале со напорна работа.

Your browser doesn’t support HTML5

Македонските спортистки се подготвуваат за олимпијадата во Париз

„Последните 5 години тренирам 10 пати неделно. Исто така ги анализираме и противничките и ги гледаме нивните слаби страни и гледаме со која техника може да ги победиме. Мора тренинзите да бидат индивидуализирани и целни за професионалните спортисти, бидејќи само така се стигнува до врвни резултати“, вели Рељиќ.

Моите очекувања од Олимпијадата се да донесам медал
Милијана Релиќ, теквондо

„Учеството на Олимписките игри за мене значи остварување на мојот сон, а се надевам и на секој спортист. И за таа цел јас со мојот тренер Јордан Тасевски, напорно работиме и се спремаме, кои што ќе ја подобрат мојата форма“, вели Мојсовска.

Милијана во Париз оди со големи очекувања. Се надева дека ќе ја израдува македонската јавност.

„Моите очекувања од Олимпијадата се да донесам медал“, верува Рељиќ во себе.

Анастасија се надева дека достојно ќе ја претстави државата.

„Се надеваме дека на овие Олимписки игри ќе ја претставиме нашата држава во најдобро светло“, вели Мојсовска.

Се надеваме дека на овие Олимписки игри ќе ја претставиме нашата држава во најдобро светло
Анастасија Мојсовска, стрелаштво

А што е потребно за добри резултати.

„За големи резултати, потребна е силна волја, пред се дисциплина и да се тренира секојдневно. Да имаме одлични услови, барем спортска сала достапна во секое време за тренинзи. Ние имавме доста проблеми кога училиштето не работи, немаме каде да тренираме. И нормално финансии. Многу имаме вложено и лични средства“, објаснува Рељиќ.

„Потребно во овој спорт за да се успее е целосна посветеност, издржливост, истрајност, и секако поддршка, како од семејството така и од тренерите и сите оние кои се на нашиот пат до успехот. Моментално условите за тренирање на спортско стрелаштво во државата се најдобри што биле досега. Ги имаме истите услови и сме рамо до рамо со целиот свет и можеме да се бориме“, додава Мојсовска.

Милијана почнала да тренира теквондо, кога имала само 7 години. Анастасија, која во Париз ќе настапи во дисциплината 10 метри воздушна пушка, со овој спорт се занимава од 2016 година.

Тие се само дел од неколкучлената делегација од Северна Македонија, која ќе учествува на Олимписките игри. Боите на државата засега ќе ги бранат и маратонецот Дарио Ивановски, Еди Шерифовски во џудо и Владимир Егоров во борење.