САД воведоа санкции за четири функционери од Венецуела

Во соопштението на Министерството за финансии се вели: „Корупцијата и репресијата продолжуваат да цветаат под режимот на Мадуро

Министерството за финансии на САД воведе санкции врз четворица актуелни или поранешни претставници на Венецуела поврзани со корупција или репресија во земајата.

Секретарот за финансии Стив Мнучин изјави: „Претседателот Мадуро и неговиот внатрешен круг, продолжуваат да ги ставаат своите интереси над оние на венецуелскиот народ. Оваа акција ја нагласува решеноста на САД да го држат одговорен Мадуро и другите вклучени во корупцијата во Венецуела“.

Според Министерството за финансии, санкциите се наменети за високи воени претставници.

Во соопштението се додава: „Корупцијата и репресијата продолжуваат да цветаат под режимот на Мадуро. Тековните, како и поранешните владини функционери продолжуваат да имаат корист од корумпираниот систем, дури и кога граѓаните на Венецуела, економијата и уставно зацврстените демократски институции страдаат поради тоа“.

Имотите на четворицата функционери кои се предмет на јурисдикција на САД се замрзнати, а според Министерството за финансии, на државјаните на САД „обично“ им е забрането да раководат со нив.

Станува збор за лицата: Родолфо Клементе Марко Торес, гувернер на државата Арагуа; Франциско Хозе Рангел Гомез, поранешен гувернер на државата Боливар; Фабио Енрике Заварсе Пабон, генерал за дивизија на Боливарската национална гарда; и Херардо Хозе Исквиердо Торес, генерал-мајор на армијата.