Уапсен сопственикот на А1 Телевизија

  • Синиша Станковиќ

Уапсен сопственикот на А1 Телевизија

Рамковски беше уапсен доцна во четвртокот во просториите на телевизијата, во полициска акција која ТВ А1 ја нарече „апсење како на филмска сцена“.

„Диктатурата на дело! Демократијата на Груевски!“, рече денес Велија Рамковски, сопственик на еден од најмоќните медиуми во Македонија, телевизијата со национална концесија А1, додека со кренати раце на кои имаше „лисици“ и со маскирани специјалци околу него, беше спроведен пред истражен судија.

Рамковски беше уапсен во четвртокот доцна навечер, од полицајци во цивил, пропадници на единицата „Алфи“, во просториите на телевизијата, во полициска акција која ТВ А1 ја нарече „апсење како на филмска сцена“.

Со него се уапсени уште 16 лица, управители и сопственици на фирми лоцирани во објектот во кој се наоѓа и ТВ А1, на улицата „Перо Наков“ б.б, а за кои Финансиската полиција и Управата за јавни приходи тврдат дека извршиле бројни кривични дела. Според полицијата, уапсените се дел од 24-те лица осомничени за злосторничко здружување, даночно затајување, перење пари и оштетување на доверители. Петмина од нив се странски државјани, од Косово и од Турција, а двајца се` уште не се достапни за полицијата.

Рамковски и останатите приведени, по 12-часовниот распит во две полициски станици, со полициски комбиња беа донесени во Кривичниот суд Скопје каде што беа изведени пред истражен судија. Пред истражен судија беа и најстарата ќерка на Рамковски и неговиот брат, а според дел од медиумите се трага по неговиот син кој исто така наводно е осомничен.

Во полициската акција со кодно име „Пајажина“ која ја водело Одделението за организиран криминал, приведена и директорката на ТВ А1, а извршен е и претрес во домовите на дел од проведените во 11 објекти. Само домот на Рамковски, според медиумските извештаи бил претересуван 5 часа.

Директорот на УЈП Горан Трајковски, во провладините електронски медиуми изјави дека кај 11 правни лица за чие финансиското работење истрага водат и Финансиската полиција и Дирекцијата за спречување перење пари е утврдено дека се меѓусебно поврзани, дека биле констатирани и безбедени материјални докази за нелегални приходи од 16 милиони евра за кои не е платен данок во вкупен износ од 4.120.000 евра во периодот 2005-2010 година.

Портпаролот на МВР, Иво Котевски изјави дека целиот тек на истрагата МВР ги информира и ќе ги информира сите меѓународни фактори, и истакна дека МВР „претпоставува дека сите (приведени – н.з) учествувале во пирамидата за затајување даноци или за нанесување на штета на други физички или правни лица“.

На начинот на приведувањето на Рамковски и остантите реагираа неговиот бранител, дел од експертите и опозицијата. Адвокатот Мирослав Вуиќ уште ноќта меѓу четвртокот и петокот, протестираше поради нетранспарентната постапка и процедуралните грешки, тврдејќи дека целата процедура е извитоперена.

„Очигледно овде не треба суд, адвокати обвинители, кривичната пријава е направена, се` е завршено, само не ја слушнав уште казната, изјави адвокатот на Рамковски. Обвиненија се истакнуваат, кривични пријави се кажуваат првин на една телевизија, за ние како адвокати да дојдеме во состојба да се информираме преку медиуми да дознаеме за што се обвинува еден човек“, обвини Вуиќ.

Лидерката на НВО „Танспарентност“ професорката Слаѓана Тасева за ТВ А1 изјави дека е изненадена од случувањата.

„Јас морам да кажам дека она што сега го гледавме дека се случува не е во склад со законите. Може колку сака господинот Котевски да зборува за тежината на кривичното дело и за тоа што прави МВР и да ја оправдува легитимноста на акцијата на МВР, тука не видовме што прави Јавниот обвинител“.

Лидерот на опозцијата Бранко Црвенковски потенцираше дека се работи за „латиноамериканска демонстрација на сила која претставува директна закана за сите кои мислат поинаку од Груевски и фамилијата“.

Акцијата на МВР за Црвенковски била селективна правда и тој ја повика власта да одговори - зошто институциите сега влегле во А1 телевизија и зошто само во тој медиум? Црвенковски најави тестирање на правната држава со поднесување на кривични пријави за министерката Гордана Јанкуловска за случајот со пронајдените девизни средства од 750.000 евра кај шоферот на копманијата МПМ и за директорот на УЈП Трајковски за плаќањето на партиски реклами на ВМРО-ДПМНЕ со буџетски пари.

Дневниот весник „Шпиц“ пак, во денешното вонредно издание во целост посветено на апсењето на својот сопственик, го препечати неодамна објавеното интервју со Рамковски под наслов: „Сите ќе ги обединам против нашиот мал диктаторчиќ“, во кое, на прашањето дали се смета себеси за последниот медиумски бастион што треба да се совлада, Рамковски одговара: „ Апсолутно. Овој наш мал диктаторчиќ решил се` да совлада. Му пречи А1 телевизија. Тој не се плаши од опозицијата, тој сака А1, „Шпиц“, „Време“ и „Коха е ре“ да ги совлада. И затоа тргна грубо, сурово, со сила. И јас сега не знам што се ќе следи. Тие веќе ги прекршија сите закони“. На прашањето кој е малото диктаторче, Рамковски во интервјуто е дециден: „Груевски, се разбира. Зарем покрај Триумфалната капија треба друг доказ за тоа дека е диктатор? Дури и Милошевиќ не правеше триумфални капии, овој нашиов го престигна. Груевски му сврте грб на народот, но не може да избега од него. Народот на 25 ноември ја одбрани А1 телевизија и на 5 декември покажа дека не се плаши“.