„Ве молам, сакам да си одам дома“ – Македонка во Израел барала помош од Црногорскиот амбасадор

Your browser doesn’t support HTML5

Билјана од Куманово за Гласот на Америка: Од Израел го фативме последниот воз

Кога слетав во Подгорица ја бакнав земјата. Амбасадорот на Црна Гора се јави во доцните часови и ни кажа дека има слободно место во авион. Буквално станав од кревет, се оставив таму и тргнав кон аеродром. Ова за Гласот на Америка го вели Билјана Спасиќ Митровска, Македонка, евакуирана од Израел.

Билјана Спасиќ Митковска речиси две години со сопругот живееле и работеле во Израел. Вели дека иако честопати се случуваат напади, ваков напад досега не паметат, не само тие туку и нивните пријатели Израелци. Петокот на 6-ти октомври, им бил последниот ден на работното место, пред да се вратат во станот и да завршат во бункерот во зградата каде што живееле. Гласот на Америка со Билјана зборуваше на нивниот пат кон Македонија.

„Овие две години преживеавме доста напади, но не беше толку страшно. Имаше и по 500 ракети за еден час. Железната купола функционира скоро 100 посто. Но ова беше кошмар. Се вративме во Тел Авив. Станот ни е на 10 километри од Тел Авив. Обично спиеме во хотелот таму, имаме пријатели, имаме познаници, Евреи а се дружиме и со Палестинци. Се вративме во петокот во станот зошто беше последниот ден од Сукот, а почнуваше и Шабат. За среќа ја имам апликацијата, која јавува кога веќе ќе почнат нападите. Тоа беше во 6 и 20, телефонот почна да пишти и јас збунета велам ова не е аларм. За 30 секунди почнаа сирените, почнаа детонации. Веднаш под станот е бункерот и тој ден бевме цел ден горе, доле. Купивме што ни треба. Работеа некои продавници. Се смири преку ден, навечер пак. Во 23 часот бевме пак во бункер, преспавме како на трња“, сведочи Спасиќ Митковска.

Во тој момент, раскажува Билјана за Гласот на Америка на македонски, единствено на што мислела е како да се го напуштат Тел Авив. Тоа, вели, беше најдоброто решение.

„Јас почнав да мислам на евакуација. Србите, Црногорците, Хрватите почнаа да ги вадат своите граѓани. Јас се обратив на нашиот амбасадор. Со него разговарав директно. Ја имам и пораката. Ми кажа дека со Србија нема место. Му велам сега има за Црна Гора, ајде некако да направиме за да се вратиме назад. Разгледајте ги сите опции ни рече, значи бевме оставени да се снаоѓаме. Но мојата упорност се исплатеше. Јас вртев буквално на секоја земја, на секоја амбасада. На амбасадорот на Црна Гора, му пратив информации. Ми рече ако можам некако на список да ве ставам ќе биде добро. Му велам ве молам сакам дома да си одам. Толку бев упорна, бидејќи цело време одевме и излегувавме од бункер. Им пишав и на српска амбасада, се јавував и во Албанија, Словенија. Ми се јави потоа нашиот амбасадор спремајте се одете на аеродром, за да потоа ни се јави да ни каже дека нема место. Но во 2 часот навечер, ми се јави амбасадорот на Црна Гора, ни вели дека слетува авионот, и да се спремаме. Буквално од кревет отидовме во такси. Се оставив таму. Само земавме пари, документи, некои основни работи што имавме. За среќа стигнавме и се чекиравме веднаш и директно во авион. Кога тргнавме се гледаа ракети од страна“.

Кога слетале во Подгорица Билјана вели дека ја бакнала земјата. ж

„Кога слетав во Подгорица ја бакнував земјата. Им се заблагодарувам многу на Црногорците, на нивниот амбасадор, излегоа со широко срце“.

Вели дека Македонија можеби е единствената земја од регионот, која не испратила досега сопствен авион за да ги преземе своите граѓани од Израел.

„Еден службен лет да пратат не треба повеќе, па нека се од 100 до 200 седишта, мислам дека ќе ги собере сите Македонци. Сите околни земји Србија, Црна Гора, Албанија која зема и од Косово и наши граѓани, сите се организираа и си ги прибраа своите граѓани. Еве четврти ден не можат да се организираат. И денес ми се обратија луѓе каде да се обратиме ме прашуваа. Им го давав бројот од амбасадорот, но и помош да вртат по други земји. Му благодарам на господ, последниот воз го фативме. Еве сега се повторно напади во Тел Авив во централниот дел. Го гаѓале и аеродромот, а кога ќе се отвори повторно не знам. Нека господ им е на помош на нашите граѓани“.