Уставни измени, преговори со ЕУ, скандали и корупција - Северна Македонија во 2023 година

Уставни измени не се донесоа, преговарачкиот процес со ЕУ запре. Корупцијата вкоренета во институциите и општеството меѓународниот фактор разочаран од превземеното по ова прашање. Измени во Кривичен законик, наменски, дваесетина екс функционери се спасија од затворски казни, силни критики од ЕУ

СКОПЈЕ – Обиди за стабилизација на економски план, неуспех на политички и меѓународен план, наменски измени во Кривичниот законик за спас на малкумина, неуспешна борба против корупцијата која е вкоренета во институциите и општеството. „Црната листа“ се подолга, САД и ЕУ гледаат тоа што не можат да го видат институциите дома.

Годината што измина малкумина може да ја оценат како позитивна.

На економски план, државата успеа делумно да се стабилизира и инфлацијата да ја стави под контрола но речиси шест месеци цените на стотина продукти беа замрзнати а потоа со гарантирани цени. Ова беше единствениот начин, во отсуство на систем и системски мерки, да се спречи самоволието на увозниците и трговците кои ги покачуваа цените на производите како што им одговара а товарат падна врз граѓаните и нивниот и онака речиси празен паричник.

Минималната плата се покачи на 20.175 денари во март а потоа во јули, по петнаесет години, се потпиша нов општ колективен договор со кој службениците во јавниот сектор добија 10 отсто повисока плата и регрес. Се воспостави методологија за покачување на пензиите. Сепак следната 2024 година Северна Македонија ќе биде со најнизок економски раст во регионот.

Клучниот процес, преговорите со ЕУ, и официјално запреа. Причина Уставните измени на кои се обврза државата а за кои немаше политички консензус.

Високи претставници на САД и ЕУ допатуваа во државата но процесот остана заглавен. Опозициската ВМРО – ДПМНЕ остана остро против отворање на Уставот и внесување на Бугарите што на крајот резултираше со потврда на запирањето на процесот на декемврискиот самит на Унијата.

Во изминатите 12 месец бевме сведоци на чудни одлуки, избори, именувања и разрешувања на судии и обвинители, на претседатели на Судскиот совет... Довербата во судската власт никогаш пониска, речиси и да нема граѓанин во државата кој верува во правичноста и чесноста на судиите и обвинителите.

Се случија измените на Кривичниот законик, ниту најавени од Владата ниту побарани од ЕУ, со кои се избриша член кој се однесуваше на злоупотреба на службената положба и овластувања кај функционерите.

Се протурка со европско знаменце, дваесетина ексфункционери се спасија барем од петгодишни затворски казни кои им следуваа за делото кое веќе не постои. ЕУ реагираше за употребата на европското знаменце, експертите се повлекоа од работните групи, јавноста критикуваше. За измените имаше и крајно негативно мислење во годишниот извештај на Европската комисија

Европското знаменце Владата го стави на маса и кога требаше да се носат измените на неколку закони поврзани со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д тежок оклоу 1,5 милијарди евра.

Договорот не беше доставен до јавноста, парцијално до пратениците и институциите и тоа разбуди сомнежи за можна злоупотреба. Координаторот Артан Груби побара да му се верува на зборот во отсуство на јавно достапна документација.

Корупцијата останува еден од клучните проблеми во државата. Ја има во институциите, во сите ешалони, вкоренета е во општеството.

Дипломатите предупредуваа и критикуваа, меѓународните мисии прашуваа, ЕУ бараше резултати а САД ја дополни и прошири „црната листа“ со Рамиз Мерко, Орце Камчев и Кочо Анѓушев. Американската администрација оддалечена илјадници километри го виде она што го гледаа граѓаните но не и надлежните институции во државата.

Неколку месеци живеевме со дојави за бомби во училишта и институции и со хакерски напади врз државни институции. Одговорните за дојавите и нападите сеуште се трагаат.

Скандалот на Клиниката за Онкологија ја шокираше јавноста. Обвинувања за тргување со цитостатичка терапија на пациентите со канцер, манипулации со терапирањето и вметнување на вода наместо лекови.

Истрагата се уште трае, Анкетната комисија во Собранието која требаше да утврди политичка одговорност заглави во политички препукувања.

Годината финишираше со киднапирањето и убиството на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска во Скопје. Пеколен план на неколкумина предводени од бегалецот Љупчо Палевски кој е во екстрадициски притвор во Турција. Додека јавноста и институциите ја чекаат екстрадицијата за да се дознае вистината остануваат отворени прашањата како и зошто ситемот го толерираше Палевски и зошто тој не беше каде што му е местото – во затвор.

Годината почна и заврши поврзана со ОБСЕ. Во јануари Северна Македонија односно шефот на дипломатијата Бујар Османи го презеде претседавањето со ОБСЕ а на крајот на ноември во Скопје се одржа тридневниот самит во беспрекорна организација на кој присуствуваа шефовите на диломатиите на САД и Русија, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, како и над илјада делегати од 57 држави.

Државата беше еден од домаќините на европското првенство во одбојка, а националната селекција носена од публиката успеа да ја мине групата и потоа да се соочи со светската велесила Италија. Радост ни донесе и Игор Стефановски – Иџе кој по трет пат ја освои титулата европски шампион во ридски трки.

Your browser doesn’t support HTML5

Година во знакот на уставните измени, корупцијата и преговорите со ЕУ - Северна Македонија во 2023 година

Граѓаните ги очекува уште една тешка и неизвесна година, година во која ќе се одржат редовни и претседателски избори во април и мај и техничка влада која ќе се формира на 28 јануари.