СКОПЈЕ – Преспанскиот договор останува на сила а државата ја задржува одредницата „Северна“ која е во согласност со договорот откако денеска Уставниот суд, едногласно одлучи да не отвори постапка по иницијативата за оценување на уставноста на Законот за ратификација на договорот. Според уставниуте судии прекршување на Уставот има сам од тогашниот претседател Ѓорге Иванов кој иако морал не го потпишал указот.
„Судот одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на Указот со кој е прогласен овој Закон и да ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на претходните два акти и нивната усогласеност со член 3 од Законот за склучување ратификација и извршување на меѓународни договори и Виенската конвенција за договорно право. За овој предмет беше спроведена темелна постапка, подготвителна седница и сеопфатна анализа на уставно судската пракса. Уставниот суд цени дека Указот не содржи правни норми. Не е пропис, тој е дел од процедурата и кога Уставниот суд укинува или поништува Закон, Указот не се укинува посебно“ изјави Добрила Кацарска,претседател на Уставен суд.
Законот за ратификација е објавен само со еден потпис бидејќи престедателот Иванов го прекршил Уставот.
„Бидејќи системот на владеење во нашата држава е парламентарна демократија а не монархија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Уставот и законите важат подеднакво за сите, па и за претседателот на републиката. Неспорно е дека претседателот треба да го потпише Указот во рок од седум дена кога првпат му се доставува законот чиј што рок е предвиден во членот 38 од Законот за Собрание на РСМ, а потоа тој е должен да го потпише. Меѓутоа, тој ја злоупотребил уставната недореченост каде што навистина не е пропишан рок за повторно доставување на Законот, односно потпишување на повторно доставен закон“, рече Кацарска.
Судиите не навлегоа во расправа за содржината на Преспанскиот договор бидејќи немаат надлежност за меѓународни договори.
Подносители на инцијативите за оценувањето на уставноста на законите се Тодор Петров, претседател на „Светски Македонски Конгрес“ (СМК), Ивица Ефремов, Ангеловски Стив, Солза Грчева и Томе Тодоровски. Во сите иницијативи се оспорува рокот на објавувањето на актите во Службен весник, како спротивен на Уставот но и тоа што не епотпишан од претседателот на државата.
Преспанскиот договор беше потпишан во јуни 2018 година, а во јануари наредната година беа изгласани уставни амандмани со кои во името на земјата беше додадена географската одредница.