Новинската агенција „Ројтерс“ соопшти дека САД зад сцената спроведуваат директна дипломатија со Северна Кореја, и покрај војната на зборови меѓу претседателот Доналд Трамп и Пјонгјанг.
Во ексклузивниот извештај на „Ројтерс“објавен денес се вели дека неименуван официјален претставник на Стејт департментот и кажал на новинската агенцијата дека американскиот специјален претставник за Северна Кореја, Џозеф Јун разговара со дипломати од мисијата на Северна Кореја во Обединетите нации, користејќи го она што во дипломатијата е познато како „њујоршки канал“.
Претседателот Трамп кажа дека ќе ја уништи Северна Кореја ако режимот продолжи со развој на нуклеарните и ракетните програми. Пјонгјанг годинава ја спроведе шестата и најмоќната нуклеарна детонација и тестираше поголем број ракети, вклучувајќи и наводна интерконтинентална балистичка ракета која ако биде усовршена, теоретски може да стигне до копното на САД.
Кога државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон минатиот месец рече дека Вашингтон бара дипломатско решение со Пјонгјанг, Трамп преку Твитер го повика Тилерсон да престане „да си го троши времето, во обид да преговара со „малиот човек ракета“- прекар што тој го употреби за северно корејскиот лидер.