Тилерсон: Башар Ал Асад нема место во иднината на Сирија

Државниот секретар Рекс Тилерсон, истакна дека сирискиот лидер Башар Ал Асад и неговите помошници, „немаат улога“ во иднината на земјата.

Тилерсон ова го изјави во Женева, по посетата на Индија.

Шефот на американската дипломатија додаде дека имал „плодни“ разговори со претставникот на ОН за Сирија, Стефан де Мистура.

Мистура наредниве недели се очекува да ги обнови мировните разговори за Сирија, спонзорирани од ОН. Ова се случува во време на регистриран напредок од страна на силите на Асад, поддржани од Русија.

Тилерсон подвлече дека САД се залагаат за „целосна и обединета Сирија, без Башар Ал Асад да има улога во владата“.

Со посетата на Женева, тој ја заврши турнејата низ неколку држави во светот, вклучувајќи ги Ирак и Авганистан.