САД ќе одржат антитерористички самит на 18-ти февруари

Најави главниот обвинител Ерик Холдер во Париз

САД наредниот месец во Вашингтон ќе организираат самит за превенција од насилниот екстремизам, во исто време кога европски и американски претставници повикуваат на поостри мерки за контрола на луѓето на Интрнет и на границите.

Американскиот главен правобранител Ерик Холдер ја најави средбата закажана на 18-ти февруари од Париз, каде што учествуваше на итна конференција за тероризмот, во контекст на минатонеделните напади во Франција во коишто загинаа 17 лица.

„Не само што мора да ги земеме на одговорност оние коишто вршат вакви ужасни злосторства, туку мора да се справиме и со причините за ваквите нешта што, на извесен начин, ги радикализираат овие лица да вршат чинови коишто се повреда на хуманоста. Ќе ги собереме сите сојузници за да дискутираме за начините на коишто може да се спротиставиме на овој насилен екстремизам што постои ширум светот“, рече Холдер.

Белата куќа преку соопштение најави дека средбата ќе ги акцентира „најдобрите пракси и најновите напори“ од неколку американски заедници коишто спроведуваат пилот-програми за борба против екстремизмот.

Министрите за внатрешни работи и правда на европските земји вчера се собраа во Париз и повикаа на зголемена контрола на Интернет и построга погранична конрола за да се спречат нападите како оној врз сатиричниот магазин Шарли ебдо.

Францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казенев, кошто ја свика средбата, рече дека Европа мора да го подобри споделувањето на информации преку границите и подобро да ги следи патниците коишто патуваат во странство.

„Убедени сме во неопходноста на ваков систем на европско ниво, за следење на оние коишто одат во воени зони за да се борат како терористи, а потоа се враќаат, како и за борба против организираните терористички мрежи“, рече Казенев. Тој кажа и дека зајакнатите мерки на набљудување сепак ќе ги почитуваат „фунадменталните слободи“.