Трамп сака нови царини врз кинески производи вредни 200 милијарди долари

САД веќе воведоа царини за кинески производи вредни 50 милијарди долари

Претседателот на САД Доналд Трамп наложи да бидат воведени нови царини за кинески производи вредни 200 милијарди долари, и покрај обидите на секретарот за финансии Стивен Мнучин за обновување на преговорите со Пекинг за ставање на крај на трговската војна јави Ројтерс, повикувајќи се на телевизијата Блумберг.

Ројтерс не можеше да го потврди извештајот кој имаше непосреден ефект врз американската берза каде акциите денес се тргуваа пониско.

Потегот доаѓа на една недела откако Трамп искажа можност за воведување на царини за кинески производи вредни 200 милијарди, и најави можност за воведување на царините на други производи вредни околу 267 милијарди долари.

САД веќе воведоа царини за кинески производи вредни 50 милијарди долари.

САД од Кина минатата година увезоа производи вредни 505 милијарди долари. Сепак според податоците на Бирото за попис на САД, увозот од Кина во периодот до јули годинава се зголемил за речиси 9 проценти во однос на истиот период лани.