Американскиот претставнички дом во четврток изгласа обновување на клучниот закон за надзор, што САД го користат за оневозможување на странски терористи кои заговараат напади против Американци.
Законодавците гласаа 256-164 за мерката од областа на националната безбедност. Усвојувањето на легислативата стана неизвесно, кога американскиот претседател Доналд Трамп, утрово преку Твитер, сугерираше дека законот можел да биде употребен за шпионирање на неговата изборна кампања во 2016-та, што изгледаше како сигнал дека е против против обновување на законот. Тој притоа не презентираше дополнителни докази.
Но, час и половина подоцна, исто така преку Твитер, Трамп кажа дека го поддржува актот, велејќи дека се работи за закон за шпионирање на странски „лоши луѓе“ на странска почва.
Програмата, дел од Актот за странско разузнавачко следење, им овозможува на американските шпионски агенции да собираат текстуални и имејл пораки од странци во странство без авторизација, дури и кога комуницираат со Американци.
Некои законодавци го покренаа прашањето за опфатноста на законот, бидејќи конверзациите на Американци кои не се под сомнение дека планираат терористички напад, можат ненамерно да бидат собрани во прислушкувањето.
Одобрената легислатива со која се бара шестгодишно обновување, се` уште мора да биде одобрена од Сенатот, пред да дојде на маса кај претседателот Трамп за потпис со што влегува во сила. Директорот на ФБИ Кристофер Реј, вели дека законот е моќно средство за САД во борбата против тероризмот.