Врховниот суд на САД ги ислуша аргументите за тоа дали на пописот во 2020-та година треба да биде вклучено прашањето за државјанството за сите лица кои што живеат во државата.
За поголем дел од оние кои го пополнуваат прашалникот на пописот кој се одржува секоја деценија, одговорот на ваквото прашање е лесен: тие се Американци по раѓање или граѓани со натурализација по пристигнувањето од други држави.
Но прашањето за државјанството кое администрацијата на претседателот Доналд Трамп сака да го вклучи за прв пат по 1950-та година може да е недобредојдено за недокументираните имигранти.
Точната бројка на недокументирани лица не е позната, но демографите велат дека би можела да изнесува околу 11 милиони, од 328 милиони лица колку што живеат во САД.
Прецизниот попис е важен затоа што со него се одредува колку законодавци ќе има од секоја од 50-те држави во Претставничкиот дом, каде има вкупно 435 членови.
Бројките исто така ќе се одразат на тоа како ќе бидат распоредени 675 милијарди долари од буџетот наменети за владини програми.
Три пониски федерални судови го блокираа предлогот на секретарот за трговија Вилбур Рос прашањето за државјанство да биде дел од пописот, со образложение дека од страв, нелегалните имигранти би го избегнале пописот.
Критичарите на Трамп тврдат дека прашањето за државјанство е обид за намалување на бројот на демократски законодавци во Претставничкиот дом.
Според проценките на Бирото за попис околу 6,5 милиони луѓе ќе избегнат да одговорат на прашањата ако е вклучено прашањето за државјанство.
По денешното сослушување, Врховниот суд се очекува да донесе одлука до крајот на јуни, давајќи и на Владата доволно време за печатење на пописниот прашалник пред пописот кој ќе се одржи во април 2020-та година.