САД изразија загриженост за хуманитарниот центар што Русија го раководи во Србија, кој некои воени аналитичари и организации од Западот, го гледаат како прикриена воена база на Кремљ.
Според нив, целта е оттаму да се шпиунираат американските интереси на Балканот.
Американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија Хојт Ји, зборуваше за овој „таканаречен хуманитарен центар“ во Србија со законодавците на Капитол хил.
САД се загрижени за руската база во градот Ниш, во близина на српската граница со Косово, „не толку за тоа што таа претставува сега, туку за тоа во што може да прерасне, ако го добие специјалниот статус, или имунитет, кој Русија го побара од Србија“, вели Ји
Русија против Балканот во Европа
На сослушувањето во Сенатот оваа недела, за малигното надворешно влијание во Југоисточна Европа, Ји рече:
„Не веруваме дека Русија има добри намери, тргнувајќи од нашата позиција, а тоа е да им се помогне на балканските држави да ја исполнат нивната цел да се интегрираат во Европа“, изјави Ји, нагласувајќи дека Русија се обидува да го спречи тој пат.
САД и Европската унија со години работат да се врати мирот на Балканот, и да го интегрираат регионот во Евроатлантската заедница.
Секоја држава околу Србија, е или во НАТО, или сака да се приклучи кон западната Алијанса.
Рускиот центар во Ниш, отворен во 2012-та година во близина на аеродромот, е релативно близу до Косово, во кој се стационирани 600 Американци
Ји вели дека САД се противат на доделување дипломатски статус на рускиот центар во Ниш.
Русија демантираше дека сака да направи воена инстлација во Србија.
Кој е односот на демократите и републиканците кон руското влијание?
Демократите и републиканците во Сенатот имаат двопартиски пристап во нивното спротивставување кон руските напори за зацврстување на влијанието на Блаканот.
Сенаторот Рон Џонсон, републиканец од Висконсин, за Српската редакција на Гласот на Америка, изјави дека Москва прави се` во нејзина моќ, да го дестабилизира регионот и да ги спречи тамошните држави од „зазмање прозападни позиции“.
Но, предлог-буџетот на САД, според сенаторот Крис Марфи, предвидува кратење на странската помош за 98 проценти во Албанија, 60 проценти во Хрватска, 48 проценти во Косово, 40 проценти во Босна и Херцеговина, 40 проценти во Македонија, 34 проценти во Црна Гора и за 31 процент во Србија.