Од кацеларијата на специјалниот советник Роберт Мулер соопштија дека поранешниот менаџер на кампањата на Трамп, Пол Манафорт, со лажно сведочење го прекршил договорот со федералните обвинители за признавање на вина.
Манафорт, кој се соочува со затворска казна во траење над 10 години за различни видови финансиски криминал, се согласил да соработува во рамките на истрагата за евентуална руска вмешаност во кампањата на Трамп на изборите во 2016 година.
Во замена за неговата соработка во вид на „целосно, вистинито и комплетно“ одговарање на прашањата на истражителите, некои од обвиненијата против Манафорт беа отфрлени, така што обвинителите можеа да бараат олеснителни околности за него.
Но, од канцеларијата на Мулер велат дека Манафорт со „криминал и лаги“ ги прекршил и ветувањето и федералните закони. Манафорт е во затвор во исчекување на казната, за која двете страни сега велат дека нема причина да се одложува.
Уште еден соработник на Трамп, поранешниот советник за надворешни работи Џорџ Пападополус, започна со отслужување на 14 дневната казна во затворот во Висконсин за лажно сведочење пред истражителите во истрагата за руската вмешаност.
Пападопулос минатата година се изјасни за виновен дека ги лажел истражителите за обемот на неговите контакти со луѓе кои имале врски со Русија.