Претседателот на САД Доналд Трамп, за време на посетата на Јужна Кореја, му се придружи на јужнорејскиот претседател Мун Џеј-ин, во реафирмирање на определбата за соочување со заканата од севернокорејската нуклеарна и балистичка програма. Тој подвлече дека „таа претставува закана по целиот свет, што бара акција од целиот свет“.
На заедничката прес-конференција, Трамп истакна дека Северна Кореја претставува опасност по меѓународната заедница и ги критикуваше државите коишто го поддржуваат режимот на Ким Јонг Ун.
Американскиот лидер додаде дека е неприфатливо, држави да му помагаат и да финансираат ваков опасен режим. Тој подвлече дека со Јужнокорејците работи на решавање на овој проблем, користејќи ги сите средства на располагање. „САД се подготвени да се одбранат себеси и своите сојузници, користејќи го и воениот капацитет, доколку е потребно“, истакна Трамп.
Подвлекувајќи дека Вашингтон и Сеул се обидуваат да изнајдат мирољубиво решение за ситуацијата со Северна Кореја, Трамп рече дека „има логика, оваа земја да ја направи вистинската работа“ - со тоа што ќе седне на преговарачката маса.