Заострена реторика меѓу претседателот Трамп и сенаторот Коркер

Претседавачот со Комисијата за надворешни односи, беше истакнат поддржувач на Трамп во кампањата во 2016-та, но потоа стана се' покритичен за неговата политика

Претседателот Доналд Трамп и републиканскиот сенатор од Тенеси Воб Коркер, викендов преку Твитер разменија неколку пораки.

Трамп напиша дека одбил да го поддржи сенаторот во кампањата за реизбор, што придонело Коркер да се откаже, а потоа сенаторот „молел“ да биде поддржан.

Веднаш потоа, Коркер одговори дека е срамно што во Белата куќа има детско однесување.

Сенаторот, кој претседава со Комисијата за надворешни односи, беше истакнат поддржувач на Трамп во кампањата во 2016-та година, но потоа стана се' покритичен за неговата политика.

Во интервју за Њујорк тајмс, Коркер истакна дека заканите на претседателот спрема други земји, би можеле да ги доведат САД „на патот кон Трета светска војна“. Toj додаде дека со претседателот разговарал најмалку четири пати годинава, при што Трамп го охрабрил да се кандидира за реизбор на функцијата.

Од другите настани на американската политичка сцена -потпретседателот Мајк Пенс го напушти фудбалскиот натпревар во Индијана, од каде и потекнува, бидејќи одредени играчи за време на националаната химна клекнале на едно колено.

Изминатиов месец дел од играчите во американската професионална фудбалска лига, повеќето афро-американци, изјавија дека го прават тоа во знак на протест заради расната неправда и социјалната нееднаквост.

Пенс преку Твитер кажа дека го напуштил мечот бидејќи заедно со претседателот Трамп „нема да возвишуваат каков бил настан којшто не ги почитува американските војници, знамето, химната“.