Уште тројца републиканци во трката за претседател

Бен Карсон, Карли Фиорина и Мајк Хакаби се приклучуваат оваа недела.

Полето за кандидати за претседателските избори во 2016-та продолжи да се згуснува со уште тројца проминентни републиканци.

Бен Карсон во интервју во неделата рече дека влегува во трката за новинација од неговата партија. Неговото формално објавување се очекува подоцна во понеделник, во Детроит.

Карсон стекна популарност пред две години со критичкиот говор за иницијативата за здравствена заштита на претседателот Обама, но беше и критикуван заради поистоветување на програмата со ропството и заради коментарите за хомосексуалноста.

Исто така во понеделник поранешната директорка на Хјулит-Пакард Карли Фиорина ќе ја најави својата кандидатура. Таа има некое искуство во националната политика откако служеше како економски советник во кампањата на сенаторот Џон Мекејн во 2008-ма, кога тој загуби од Обама, а во 2010-та имаше неуспешен обид за сенатско место.

Друг кандидат од 2008-ма, поранешниот гувернер на Арканзас Мајк Хакаби, планира да се приклучи на трката за претседател во 2016-та, во вторник.