САД се посветени да ги зголемат трговијата и инвестициските врски со Северна Македонија, изјави за Гласот на Америка портпарол на Стејт департментот, одговарајќи на прашањето дали би се формирале работни групи за продлабочување на економските односи меѓу двете држави, откако претседателот Стево Пендаровски предложи да се врати во живот договорот за стратешко партнерство од 2008 година, како алтернатива додека трае спорот со Бугарија.
„Северна Македонија е цврст сојузник, партнер и пријател на САД. Работиме заедно на разни заеднички цели и приоритети, вклучувајќи демократизација, антикорупција, промоција на владеење на правото, европската безбедност и енергетска разновидност. Ние, исто така, заеднички сме посветени на зголемување на трговијата и инвестициските врски“, рече портпаролот.
На состанокот на Советот за општи работи на ЕУ минатата недела, Бугарија не го тргна ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија.
Тогаш Пендаровски рече дека во услови кога проширувањето на Европската Унија е замрзнато, државата има две опции - да ја донесе Европа дома, како и да го обнови стратешкото партнерство со САД.
„Ова не значи откажување од европските интеграции, напротив. Но, ако продолжи спорот со Бугарија, мора да бараме алтернативи“, рече Пендаровски на панел дискусија на тема „Триесет години независност и евроатлантските перспективи на Република Северна Македонија“, во организација на невладината „Еуропроспера“.
Според декларацијата за стратешко партнерство и соработка меѓу двете држави, САД и Македонија одлучија да го зголемат и продлабочат блиското партнерство засновано на заеднички цели, интереси и вредности.
Двете држави тогаш истакнаа дека „демократска, безбедна и просперитетна Македонија, со пријателски и конструктивни врски со соседите, и како активен учесник во регионалните и меѓународни економски, политички и безбедносни дискусии, е од суштинско значење за мирот и стабилноста во Југоисточна Европа“.
САД се заложија дека ќе продолжат да ги поддржуваат безбедноста, стабилноста и економскиот развој на Македонија.
„Во интерес на зголемено партнерство, САД имаат намера веднаш да обезбедат дополнителна поддршка за Македонија да помогнат во изградбата на просперитет, да ја зацврстат безбедноста, и да промовираат подлабоки врски меѓу двете држави“, стои во декларацијата, која ја потпишаа тогашните министер за надворешни работи Антонијо Милошоски и државната секретарка на САД Кондолиза Рајс.
Двете држави, исто така, се заложија да изградат поцврсти односи меѓу граѓаните, како и да преземат практични мерки за промоција на образовна и културна размена.