САД остануваат посветени на Западен Балкан

Порача Лора Купер, заменик-помошникот секретар за одбрана на САД, која учествуваше на состанокот на министрите на земјите од А5-Јадранската повелба во Охрид

САД остануваат силно посветени на регионот на Западен Балкан, порача Лора Купер, заменик-помошник секретар за одбрана на САД.

Таа учествуваше на состанокот на министрите на земјите од А5- Јадранската повелба во Охрид, од каде, меѓу другото, порача дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат оваа иницијатива, како форум за целосна интеграција на регионот во НАТО.

„Како што кажа потпретседателот Мајк Пенс, А5-Јадранската повелба, ја исполнува нејзината цел, државите од Западен Балкан да ги доближи до најуспешниот одбрандбен Сојуз во историјата, а тоа е НАТО. САД и понатаму ќе бидат во партнерство со вас, за да ја промовираат безбедноста на Западен Балкан и пошироко. Ова е можност да ги надградиме односите, кои веќе се силни, како и билатералниот однос меѓу САД и Македонија“, рече Купер.

Горазд Бартол, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Македонија, вели дека НАТО се докажа како најуспешната Алијанса во историјата, бидејќи покажа дека може да се адаптира на предизвиците во светот, на кои не е имун и регионот.

„Немам дилеми дека Јадранската повелба ја исполнува својата цел - доближување на земјите од Балканот и поврзување со НАТО. Имам впечаток дека по еден подолг период, во моментот имаме позитивен импулс во Скопје, кој ќе и овозможи на земјата напредок“, вели Бартол.

Македонскиот премиер Зоран Заев очекува Македонија да биде 30-та земја-членка на НАТО, и земјата да го реши спорот за името со Грција.

„Владата на Македонија создава услови за градење на национален консензус со сите клучни одучувачки политички субјекти, со претседателот на државата и опозицијата, со цел забрзување на нашата интеграција во НАТО. Поради тоа, беа и долгите состаноци во обид да се излезе од една микрокриза во државата, која се` уште трае. Посветени сме на изнаоѓање начин да се надмине проблемот, кој што го има Грција со името на нашата држава“, изјави Заев.

За министерката за одбрана Радмила Шекеринска, НАТО членството не е само знаме и значка.

„За нас членството претставува клучна гаранција за нашата и регионалната безбедност, стабилност и развој, со оглед на новите безбедносни предизвици. Концептот во Република Македонија е дека не бараме членството да го добиеме како подарок, не сметаме дека тоа е стекнатно право, кое само нам ни припаѓа, туку знаеме дека членството е резултат на исполнети критериуми и обезбедена домашна стабилност“, вели Шекеринска.

Земјите кои се дел од иницијативата - Македонија, Албанија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина, денес потпишаа и декларација, со која се обврзаа да го зголемат заедничкото присуство во меѓународните мировни мисии, како „Одлучна подршка“ во Авганистан, за да ја подобрат меѓусебната соработка во делот на одбранбените реформи.