Повторно отворена пограничната комуникација меѓу Северна и Јужна Кореја

Дали ова е знак дека долгогодишните ривали се обидуваат да ги подобрат односите?

Северна Кореја повторно го отвори каналот за прекугранична комуникација со Јужна Кореја, прв значаен знак дека долгогодишните ривали се обидуваат да ги подобрат односите.

Јужнокорејските власти соопштија дека денеска добиле повик од нивните севернокорејски колеги преку таканаречената црвена телефонска линија, поставена на границата меѓу Северот и Југот.

Шефот на Севернокорејската агенција за меѓукорејски односи, рече дека неговата земја се обидува да биде вклучена во прашањата поврзани со Југот преку „искрен и отворен став“.

Во меѓувреме, американската амбасадорка во ОН Ники Хејли, повика на меѓународна осуда на Северна Кореја, поради индикациите дека Пјонгјанг е подготвен да тестира уште еден балистички проектил.

Претходно, претседателот на САД Доналд Трамп, одговори на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун кој неодамна кажа дека нуклеарното копче е на неговата маса во секое време. Трамп рече дека копчето во САД е многу поголемо и помоќно, и дека всушност функционира.