Трамп: Сојузништвото меѓу САД и Јапонија - основа за мир во Источна Азија

Јапонскиот премиер Шинзо Абе е во официјална посета на Вашингтон, и е втор странски лидер кој се сретнал со американскиот претседател.

Претседателот Доналд Трамп изјави дека пријателството меѓу САД и Јапонија е „многу, многу длабоко“, а сојузништвото меѓу двете земји го прогласи за камен-темелник за мир во источно-азискиот регион.

„Определени сме за одржување на безбедноста на Јапонија и сите области под нејзина административна контрола, како и за натамошно зајакнување на нашата мошне клучна алијанса“, истакна Трамп за време на заедничката прес-конференција со јапонскиот премиер Шинзо Абе во Белата куќа.

Абе изјави дека со американскиот лидер се сложиле за поставување нова основа за економски разговори, а Договорот за трансцпацифичко партнерство ќе биде високо на агендата на дводневниот самит. Трамп додаде дека каква и да се трговските врски меѓу двете земји, тие мора да бидат „слободни, фер и со реципроцитет“.

Според најавите, јапонскиот премиер се очекува да објави пакет инвестиции во американската инфраструктура, вреден 150 милијарди долари, што се очекува да креира 700.000 работни места.