Со какви предизвици се соочуваат македонските студенти во САД?

И покрај проблемите со визите, кои барем засега се надминати, САД остануваат една од најатрактивните дестинации за меѓународните студенти

Студирањето во САД и натаму останува атрактивно за македонските студенти и покрај тоа што неодамна беше наложено државата да ја напуштат оние меѓународни студенти кои следат настава само он лајн, а потоа истото беше повлечено со што меѓународните студенти не мораат да заминат од САД.

„Студирањето во САД од секогаш содржело одреден престиж за студентите во Македонија и во регионот. Мислам дека тоа ќе остане така без оглед на моменталната ситуација со коронавирусот, дури и без оглед на политичката ситуација во државата, бидејќи на некој начин квалитетот во образованието е прилично имун на политичките околности“, вели Кристијан Фидановски, магистер по Источноевропски студии на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.

По две години поминати на постдипломски студии во САД истакнува дека е многу важно тоа што наставата става акцент на практичната работа.

„Во мојот случај политичари, дипломати или поранешни политичари држат неколку предмети на факултетите и со своето практично знаење од прва рака пренесуваат практични информации. На пример, имав еден предмет за пишување политички говори кој што го држеше човекот кој му ги пишувал говорите на поранешниот министер за надворешни работи Џон Кери. Потоа би нагласил дека голем акцент се става на ширината на наставата. Студентите пред конкретно да се насочат слушаат предмети од различни области и тоа многу им помага“, вели тој.

Ева Јованова исто така дипломирала на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон. Таа сега се обидува да најде работа во САД, што вели дека не е лесен процес.

„Работодавците не се многу желни да вработат меѓународни студенти, поради тоа што треба да ги спонзорираат и тоа е скап процес. Сето тоа се врши низ своевидна лотарија, така што дури и да сака работодавецот да го спонзорира студентот понекогаш не може да го стори тоа затоа што е предвиден одреден број на места“, вели Ева Јованова, магистер по Источноевропски студии на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.

Таа посочува дека конкуренцијата расте додека пазарот на трудот не може да ги апсорбира сите барања за работа.

„Многу работодавци кои порано вработувале повеќе луѓе сега решаваат поради пандемијата да скратат на расходи. Веќе имав неколку интервјуа. Барам работа во меѓународни организации како на пример Светската банка или Меѓународен монетарен фонд. Не би рекла дека е невозможно да се најде работа, но многу е потешко од порано. И не само како меѓународен студент, туку и моите колеги Американци исто така се соочуваат со отежнати околности за да се вработат“, вели таа.

Сепак, и двајцата се согласуваат дека студирањето во САД им отвора големи перспективи во иднина. Фидановски во октомври започнува со докторски студии на Охсфорд.

Тој вели дека постдипломските студии во САД во голема мера придонеле да може да продолжи да се едуцира на најпрестижните универзитети во светот.