Сенатот денес почнува со првите сослушувања во постапката за импичмент на претседателот на САД Доналд Трамп, откако вчера беа утврдени правилата за водење на процесот. Законодавците од Претставничкиот дом имаат воведни аргументи зошто Трамп треба да биде отстранет од функцијата.
Раноутрово, пак, со 53 наспроти 47 гласови, Сенатот ги усвои правилата презентирани од лидерот на сенатското мнозинство Мич Меконел.
Гласањето беше проследено со низа дебати од страна на демократите, кои дискутираа дали треба да се побараат документи и да се повикаат сведоци од администрацијата на Трамп.
Партиските поделби ќе имаат клучна улога во евентуалниот резултат, бидејќи независно од правилата за докази и сослушување сведоци, за отстранување на Трамп од фукцијата ќе биде потребно двотретинско мнозинство, а досега ниту еден од републиканците не сигнализирал оти ќе гласа против Трамп.
Трамп, пак, од Светскиот економски форум во Швајцарија, рече дека не направил ништо лошо, нагласувајќи дека Сенатот треба да одлучи дали ќе бидат повикани сведоци на сослушувањето.