Трамп со критика за имиграциониот систем на САД

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека секоj закон со кој на имигрантите кои влегле нелегално во САД како деца ќе им се овозможи да станат државјани, мора да вклучи градба на пограничниот ѕид со Мексико, ставање крај на т.н. синџир на миграција и на програмата за лотарија за зелена карта.

Во септември, Трамп ја укина програмата ДАКА, која беше воведена од страна на поранешниот претседател Барак Обама. Со неа од депортација беа заштитени околу 800 илјади имигранти, овозможувајќи им законски да живеат и работат во САД.

Трамп на Конгресот му даде рок до 5-ти март за да се согласи на легислатива која ќе обезбеди заштита на лицата од програмата ДАКА, но и за финансирање на предложениот граничен ѕид со Мексико, ставање крај на т.н. синџир на миграција и лотаријата за зелена карта.

На состанокот во Белата куќа со републиканските сенатори посветен на имиграцијата, Трамп рече: „Нашиот сегашен систем за имиграција не е добар за Американците“ како пример наведувајќи го т.н. синџир на миграција во кој член на семејството спонзорира друг член на семејството кој може да добие право на легален престој во САД.

Трамп, исто така, повика на ставање крај на лотаријата за зелена карта со која во САД имигрираат лица кои поминале проверка, имаат еквивалент на средно образование или работно искуство која бара минимум две годишна обука. Трамп рече дека ова програма „е лоша за нашата економија и за безбедноста“.

Претседателот, исто така, рече дека реформите во имиграцијата нема да бидат можни без поголема гранична безбедност. „Ни треба ѕид. Ќе имаме ѕид за да ги спречиме дилерите на дрога, трговците со луѓе и насилните криминални картели“.

Трамп изрази надеж дека неговите предлози ќе добијат поддршка од демократите, кои имаат потешкотии да обезбедат заедничка стратегија за имиграцијата. Демократите побараа гласање, но мерката која ќе им овозможи на околу 1,2 милиони имигранти да останат легално во САД беше одбиена.

Либералните групи сакаат демократските законодавци да најдат начин за заштита на имигрантите, и тоа да го стават во предлог законот за владини трошоци, кој мора да биде одобрен до 19 јануари, дури и ако тоа резултира со затворање на владата.