Заканата од глобалниот тероризам станува се` подецентрализирана заради зголемувањето на активностите на групите како Исламската држава, во региони како Југоисточна Азија, Северен Кавказ во Русија и Африка, се вели во годишниот извештај на Стејт департментот за тероризмот.
Додека Ал Каида, Боко Харам и Ал Шабаб продолжуваат да изведуваат дестабилизирачки напади, Стејт департментот вели дека минатата година Исламската држава и натаму претставувала најголема закана на глобално ниво, со значителна застапеност на силите во Сирија и Ирак.
Дополнително, во извештајот се вели дека додека бројот на силите на Исламската држава во овие две земји се намалил во втората половина на 2015-та година, борците сепак успеале да изведат серија напади во други земји, како Франција и Турција, на пример.
Исламската држава има напредок во Либија и отворила филијали во земји како Авганистан, Пакистан и Нигерија.
Во годишниот извештај, Стејт департментот набројува речиси 60 странски терористички групи, а издвојува и неколку земји како „лоши играчи“ во глобалната борба против екстремизмот.
Клучни информации:
Боко Харам: Деклариран е како филијала на Исламската држава. Има усмртено илјадници лица, а стотици илјади во Заливот на езерото Чад, се раселени.
Ал Каида: Централното раководство е ослабено, но групата и натаму претставува закана. Важи за инспирација на филијали во Арапскиот Полуостров, МАГРЕБ-земјите и Индискиот подконтинент.
Ал Шабаб: Изврши смртоносни напади во Сомалија. Обиди да го врати постигнатиот напредок на сомалиската влада и да ја ослабе „политичката волја“ на Мисијата на Африканската Унија во Сомалија.
Држави како „лоши актери“:
Иран: Се смета за „главна“ држава-спонзор на тероризмот. Цитиран за поддршка на Хезболах, палестински терористички групи во Газа, екстремисти во Ирак и Блискиот Исток.
Судан: Повторно е оквалификуван како држава-спонзор на тероризмот, заради американската загриженост дека поддржува групи како Фатах, Палестински исламски џихад, Хамас, Хезболах.
Сирија: Режимот на Асад обезбеди политичка поддршка за терористичките групи коишто влијаат на регионалната стабилност. Обезбедил оружје; политичка поддршка за Хезболах.
Напредок:
Според Стејт департментот, 45 земји усвоиле или обновиле постоечки закони коишто се однесуваат на странските борци.
Триесет и пет земји уапсиле странски борци.
Дванаесет земји минатата година „успешно судски гонеле“ најмалку еден странски борец.