Деветнаесет универзитети од САД би сакале во своите редови да имаат студенти од Македонија. На Саемот на универзитети, во организација на Амбасадата на САД, преку брошури тие ги претставија условите и предностите на дипломата со нивниот печат.
За трите часови презентација, повеќе десетици македонски средношколци - идни студенти, преку разговор со студенти - Американци од овие универзитети, се запознаа со начинот на студирање, што се` е потребно да се стане бруцош на некои од најпрестижните светски универзитети, но и со тоа што се вреднува во американскиот образовен систем.

А предизвици, за некои од нив, има многу.
„Фасциниран сум од американскиот систем на образование, на тоа што не мора да се фокусираш на само една област на студирање. Тука е и можноста за запознавање луѓе од различни краишта на светот. Живеењето во кампус ми е голем предизвик, нешто што сум го гледал на филмовите, стекнувањето самостојност“, вели Дарко, којшто годинава е матурант во една скопска гимназија.
„Не мора веднаш да се одлучиш за насока, а и кога ќе одбереш, може истовремено да се земат предмети и во други области. Нема само седнување и учење, туку има пишување есеи, учество во дискусии, дебати, па колоквиуми. Знам дека не е лесно, но е предизвик“, вели Јована, која е трета година средно училиште, но, како што вели, „сон и е да студира во САД“.

„Ми се допаѓа како ги третираат студентите, професорите се достапни и студентите можат да разговаат со нив за најразлични теми. Слушнав дека мислењето на студентот е навистина важно и дека постои култура - студентите да го оценуваат секој предмет. Ми се допаѓа и тоа што не е се фокусирано само на учење, туку дека се организираат и активности како конференции, патувања, волонтерски активности“, ги пренесува своите импресии Ивана. Таа додава дека по презентацијата само и` зајакнала желбата еден ден да биде дипломец на некој од овие универзитети.
Статистиката што ја објави Амбасадата на САД е дека 237 студенти од Македонија минатата година студирале на американските универзитети и дека тие речиси подеднакво избрале некои од државните или приватните – 53% се одлучиле за државните, а 47% ги избрале приватните.
Минатата година, Филип Бујаровски беше единствениот Македонец којшто доби целосна стипендија за да студира на престижниот универзитет Харвард во Бостон. Пред неколку години, за истиот Универзитет се одлучи и Тијана Катушевска, матурантката од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, којашто по апликацијата за студирање на САД доби понуди од Харвард и Колумбија. Овие двајца, во интервјуата за македонските медиуми, им порачаа на своите врзници да не се обесхрабруваат, бидејќи она што се цени на овие универзитети се лидерството, иницијативноста, работата и трудот, а најмалку од се` се важни оценките. И, најважното, како што велат, да тргнат по она што им е - сон.