САД одобрија 1,1 милион долари за Северна Македонија за справување со КОВИД-19

Your browser doesn’t support HTML5

Денес во Скопје пристигнаа и 100.000 заштитни маски од Унгарија за помош на медицинскиот персонал

САД одобрија 1,1 милион долари помош за да се спречи ширењето на КОВИД-19 во Северна Македонија. Денес, пак, унгариски воен авион донесе во Скопје 100.000 заштитни маски и 5.000 заштитни скафандери наменети за медицинскиот персонал во земјава. Помошта за справување со коронавирусот ја испорача шефот на дипломатијата Петер Сијарто.

„Ова го сторивме во интерес на здравствените власти во земјата за подобро да се справат со оваа светска криза на пандемија на коронавирусот. Во рамките на нашата регионална политика, ние на сите наши соседи им пруживме помош и денеска тоа го правиме и со Северна Македонија“, рече Сијарто.

Покрај денешната помош од Унгарија, во петокот од Словенија дојде заштитна опрема наменета за полицијата. Освен ваква помош на билатерално ниво, финансиска асистенција најави и Европската Унија.

„ЕУ како што знаете ќе помогне со четири милиони евра пред се` во однос на медицинските потреби на здравствениот систем, но и со повеќе од 60 милиони евра за соочување со финансиските консеквенци од кризата. Побаравме и добивме позитивен одговор и од Кина, но, уште нема што конкретно да кажам во однос на бројките и составот на таа помош“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Холаднија најави помош во вид на тестови за коронавирус, Турција најавила дека ќе прати заштитни маски. Со Шведска е разговарано за реалокација на нејзината програма за развојна соработка за земјава за други поитни работи. Северна Македонија, како тазе членка на Алијансата, побара поддршка и преку механизмите на НАТО.