По враќањето од викенд посетата на „Камп Дејвид“, американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека имал многу добри состаноци. „Постигнат е огромен напредок на многу фронтови, вклучително и за лекувањето од оваа ужасна болест што ја зафати нашата држава“.
Тој, исто така, се повика на емитувањето на хуманитарен турнир за голф, велејќи дека Американците сакаат да се вратат спортовите во живо и дека тие се неопходни „за психата на нашата држава“.
Со професионалните лиги кои се обидуваат да најдат начини за одржување на натпреварите, вклучително и без навивачи и публика, Трамп рече дека постои желба за „големи стадиони полни со луѓе“.
„Во моментов, тоа не е она што се планира, но никогаш не знаете. Работите можат да се сменат многу брзо “, рече Трамп.
Претседателот закажа повеќе разговори со гувернерите и лидерите во индустријата за понеделник за условите за повторно отворање на државата и обезбедување стабилно снабдување со храна и други добра и услуги, и покрај проекциите дека бројот на смртни случаи од коронавирусот во САД ќе достигне до 147.000 до август.
Затворањето врши огромен притисок врз американската економија туркајќи ја кон рецесија, а невработеноста достигна историски високи нивоа, при што една четвртина од работната сила во земјата ги загуби работните места.
Претседателот на Федералните резерви Џером Пауел изјави во неделата дека дополнителни загуби на работни места веројатно ќе има и во јуни. Тој рече дека економското закрепнување ќе трае долго и на американските бизниси и семејства ќе им бидат потребни уште три до шест месеци владина финансиска поддршка.