Двајца влијателни сенатори претставија резолуција за ограничување на улогата на американската армија во Либија.
Претседавачот на Сенатската комисија за односи со странство, демократот Џон Кери и главниот републиканец во Комисијата, Џон Мекејн предлагаат ограничување на ангажманот на американската армија во акцијата на НАТО-силите во Либија на една година, како и забрана за употреба на американски копнени сили во конфликтот. Сепак, обајцата сенатори предупредија САД да не се откажат од мисијата, велејќи дека либискиот водач Моамар Гадафи е близу до тоа да ја загуби власта.
Претседателот на Претставничкиот дом Џон Бејнер, пак, вели дека телото е подготвено да дискутира за две комптетитивни резолуции за конфликтот во Либија. Едната, слична на онаа на Мекејн и Кери, би дала зелено светло за употреба на сила во Либија, додека другата повикува на повлекување на сите американски сили, освен на оние инволвирани во неборбени операции.
Претходно месецов, и демократски и републикански законодавци го критикуваа Обама поради тоа што не побарал согласност од Конгресот за интервенцијата во Либија.