Поранешниот директор на Федералното истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми денес ќе сведочи зад затворени врати пред републиканците во Претставничкиот дом, пред тој да биде преземен под контрола на демократите во јануари.
Коми треба да сведочи за истрагите за наводните врски на кампањата на Доналд Трамп со Русија, како и за електронските пораки на Хилари Клинтон.
Коми тврдеше дека истрагата предводена од републиканците за процесот на носење одлуки на ФБИ и Одделот за правда во 2016-та и 2017-та година била политички мотивирана.
Во објава на неговиот Твитер профил за Денот на благодарноста, Коми рече дека можеби нема да се појави на сведочење доколу тоа не биде отворено за јавноста.
Сепак, тој се согласи да сведочи зад затворени врати, под услов записот од сведочењето да биде објавен во јавноста во рок од 24 часа.