Вашингтон пост: ЦИА ја залажувала јавноста за техниките на испрашување

Не е точно дека само така можела да собере веродостојни податоци што спречиле терористички напади, наведува весникот, повикувајќи се на конгресен извештај.
Вашингтон пост се повикува на конгресен извештај дека ЦИА со години ја залажувала јавноста за сега веќе прекинатата, контроверзна програма за испрашување на осомничени терористи.

Во денес објавениот напис, весникот наведува дека Сенатската комисија за разузнавање заклучила дека ЦИА намерно лажно тврдела дека програмата помогнала да се соберат веродостојни податоци што спречиле терористички напади. Во написот стои дека ЦИА можела да добие вредни информации од осомничените без да примени груби техники на испрашување. Според Вашингтон пост, конгресниот документ на 6.300 страници нуди и информација дека ЦИА сокрила детали од законодавците за суровоста на своите методи.

Програмата за испрашување на осомничените терористи исто така предизвикала длабоки поделби во самата разузнавачка агенција. Весникот тврди дека во еден случај, припадници на ЦИА, што биле сведоци на испрашување во таен затвор во Тајланд, си заминале бидејќи биле вознемирени од „бруталните мерки“ што таму се применувале.