Кина и САД разговараат за кибернетската безбедност

Ова се прелиминарни и први разговори, пред повисоки претставници на двете страни да се сретнат подоцна неделава.
САД и Кина го отворија првиот состанок на комисија чија цел е олеснување на несогласувањата во врска со кибернетската безбедност, што станаа големо иритирачко прашање во релациите меѓу двете светски сили.

Американските и кинеските претставници се сретнаа во Вашингтон, во понеделник. Тие се надеваат да направат прогрес пред повисоките министри на двете страни да одржат безбедносни и економски разговори во американскиот главен град во среда и во четврток.

Вашингтон и Пекинг во април се согласија да започнат дијалог за кибернетска безбедност.

Портпаролка на американскиот Стејт департмент Џен Псаки во понеделник кажа дека средбата имала неколку цели: надеж дека двете страни ќе ја споделат својата перспектива за меѓународните норми во кибернетскиот простор, дека ќе ги изразат своите грижи, и дека ќе развијат процеси за идна соработка, за да се постави тонот на идни конструктивни и кооперативни билатерални дијалози.

Администрацијата на Обама ја обвини Кина за инволвираност во голема кампања на кибернетски упади за крадење на тајни од американската влада и бизниси заради економска добивка.

Кина долго тврди дека е жртва на кибернетски напади од САД. Кинеските официјални лица ги нагласија неодамнешните информации протечени од поранешниот аналитичар на ЦИА Едвард Сноуден за да ги зајакнат своите тврдења.