Во обид да ја прекинат можната финансиската поддршка што ја добиваат од лица и групи од САД, Стејт департментот означи двајца водачи и седум групи поврзани со Исламската држава, како терористички.
На црната листа се најдоа ИСИС-Западна Африка, ИСИС-Филипини и ИСИС-Бангладеш, заедно со уште четири други групи поврзани со Исламската држава, ИСИС-Сомалија, Џунд ал-Хилафа-Тунис, ИСИС-Египет и Групата Мауте. Стејт департментот соопшти дека санкционирале и двајца лидери на ИСИС, Махад Моалим и Абу Мусаб ал-Барнави.
Нејтан Селс, координатор за контратероризам при Стејт департментот, во соопштението истакна дека назначувањето „за цел ги има групите и лидерите кои се поврзани со пропаднатиот калифат во Ирак и Сирија. Денешните акции се критичен чекор во деградирањето на глобалната мрежа на Исламската држава и прекин на пристапот до ресурси кои им се потребни за планирање и спроведување на терористички напади“.
Законот според кој беа изречени санкциите ги блокира групите да спроведуваат какви било деловни трансакции поврзани со САД, и им забранува на Американците да имаат деловни врски со нив.
Во соопштението се додава дека терористичките назнака е дел од американскиот план за пораз на Исламската држава.