Стратегијата на Бајден кон Кина ќе биде проблем за Европа, велат аналитичари

Нема да биде лесно да ја одржиме трговијата со Кина додека истовремено го одржуваме партнерството со САД, рече европскиот законодавец Радослав Шикорски

Европските лидери и други американски сојузници велат дека претседателот Џо Бајден направил многу во неговите први 100 дена во Белата куќа за да почне да ја враќа довербата во американското лидерство.

Аналитичарите велат дека 78-годишниот Бајден покажал како промената во Овалната канцеларија може да предизвика значајна политичка разлика, со ветување за нови промени, не само во САД, туку и во светот.

Набљудувачите во Европа и Азија го фалат лидерот на САД за неговиот акцент на мултилатералната соработка и потребата за координиран глобален напор за справување со климатските промени

Според нив, истакнувањето на важноста на алијансите е различен пристап од оној на неговиот претходник, претседателот Доналд Трамп.

Аналитичарите во Европа велат дека и покрај годините на Бајден, тој би можел да стане трансформативен лидер, со чекорите кои ги презема за враќање на моќта на владата, и обидите за заздравување по политичката војна во државата, предлагајќи економски план, кој се споредува со оној на Франклин Рузвелт во 1930-тите.

Тие го истакнуваат и пакетот помош од 1,9 трилиони долари кој помина во Конгресот и Белата куќа, инсистирајќи на обнова на инфраструктурата, со цел да се намали анксиозноста на работничката класа, чии гласачи ја напуштија Демократската партија за да ја поддржат популистичката политика на Трамп.

Многу аналитичари сметаат дека резултатите на економски план ќе бидат клучни за да можат САД да го обноват глобалното лидерство.

„Без да се обнови економијата, мислам дека американската дипломатија нема да може да заздрави од времето на Трамп“, вели Ричард Мекгргор од австарлиски институт за истражување.

Некои експерти велат дека економската обнова на САД би можела да му помогне на Бјаден да ги намали и големи поделби во општеството, вклучувајчи и за прашања за имиграцијата и климатските промени.

Сепак, велат аналитичарите, остануваат големи разлики меѓу Вашингтон и Брисел, кои ќе бидат тешки да се надминат.

Стратегијата на Бајден кон Кина предизвикува проблеми за Европа во целина.

„Нашиот предизвик е да ја одржиме трговијата со Кина додека истовремено го одржуваме нашето партнерство со САД. Нема да биде лесно“, вели Радослав Шикорски, европски законодавец и поранешен полски министер за надворешни работи.

Аналитичарите велат дека администрацијата на Бајден се соочува со многу предизвици на надворешен план, додека, истовремено, се обидува да го спречи ширењето на коронавирусот и да ја спроведе имунизацијата на граѓаните.