Наводите за сексуално малтретирање ја засенија сенатската трка во Алабама

Републиканците го повикуваат Рој Мур да се откаже од трката за сенатор од Алабама

Наводите за сексуално малтретирање против републиканскиот кандидат за член на Сенатот, Рој Мур доведоа до хаос во партијата во време кога републиканците прават напори за реформа на даночниот систем во државата, а претседателот на САД ја завршува азиската турнеја.

Многу републикански законодавци веќе ја откажаа поддршката или се дистанцираат од христијанскиот конзервативец, Рој Мур, кој се` до минатата недела беше фаворизиран како победник на вонредните избори за член Сенатот од сојузната држава Алабама, која традиционално избира републиканец.

Откако неколку жени го обвинија Мур за сексуални напади направени пред неколку децении, кога тие биле тинејџерки, а тој бил во 30-ти години од животот, републиканците кои сакаат да ги протуркаат предлозите за намалување на даноците мораа да се изјаснат по темата.

„Ако во овие приказни има некаква вистината, тој треба да се повлече уште веднаш“ рече републиканскиот сенатор Џеф Флејк.

Поранешниот судија во Врховен суд на Алабама, Мур на двапати беше отстранет од функцијата. Прво поради одбивањето да ја отстрани статуата Десет божји заповеди од јавна зграда, а потоа затоа што одби да ја признае легалноста на бракови од ист пол во САД.

„Не сум виновен за сексуално злоставување... да се подигне обвинение непосредно пред изборите е апсолутно неверојатно“ рече Мур.

Сепак, соработниците на претседателот на САД, Доналд Трамп не го напуштаат Мур.

Советничката на Трамп, Келиан Конвеј која беше гостинка на програмата „Оваа недела“ на телевизијата ABC изјави:

„Би било опасен преседан за сите нас, за било кој во оваа држава ако биде прогласен за виновен само поради извештаи во печатот. Ова е демократија, со уставен систем.“

Меѓутоа, некои републикански сенатори преку Твитер ја повлекоа поддршката за Мур, а други побараа тој да се повлече од трката.

Лидерот на републиканското мнозинството во Сенатот, Мич Меконел, денес изјави дека Рој Мур треба да стави крај на кандидатурата. Тој претходно кажа дека Мур треба да се откаже од кандидатура, ако наводите се докажат како вистинити.

Меконел рече дека републиканците би можеле да се обидат да победат на вонредните избори на 12-ти декември, со запишување на името на сенаторот Лутер Стренџер, кого Мур го порази за време на партиските избори за номинација која се одржа во септември.

Но кандидатурата со допишување би била комплицирана со фактот дека името на Мур веќе е испечатено на гласачките ливчиња.

Немаше реакција од 70 годишниот Мур по повикот на Меконел да ја заврши кандидатурата.

Републиканците со само две места имаат тесно мнозинство во Сенатот, кое ќе биде намалено на половина ако демократите победат во Алабама - една од најпознатите републикански сојузни држави.

Додека демократите се охрабрени, републиканците во Сенатот се соочуваат со непријатната вистина, тие може да изгубат место во Сенатот или на нив да им се придружи лице за кое некои законодавци сметаат дека не е погодно за служба.