Околу 200 Авганистанци кои се квалификуваат за специјален имигрантски статус пристигнаа денес во САД со специјален лет, како дел од операцијата за евакуација на оние што ѝ обезбедиле помош на Владата на САД.
„Денес постигнавме значајна цел како што продолжуваме да го исполнуваме нашето ветување кон илјадници авганистански државјани кои служеле рамо до рамо со американските војници и дипломати изминативе 20 години во Авганистан“, изјави претседателот Џо Бајден во пишана изјава.
Тој додаде дека сака да им „оддаде почит на сите во САД кои зборувале во име на овие храбри Авганистанци, вклучувајќи ја гордата заедница на ветерани, која постојано се залага за правата на Авганистанците кои биле до неа во Авганистан, често работејќи како преведувачи“.
Официјални лица на Белата куќа ја најавија операцијата за помош на овие лица на 14-ти јули, најавувајќи дека ќе ги евакуираат авганистанските преведувачи и други, кои ѝ помагале на Американската влада за време на војната, заедно со нивните семејства, кои сега стравуваат дека ќе бидат мета за одмазда на Талибан.