На годишниот Самит за справување со предизвиците од глобалниот бран бегалци и мигранти во Њујорк, се очекува Генералното собрание да усвои сет обврски за засилување на заштитата на оваа ранлива група на луѓе кои од разни причини го загубиле домот. Штом ќе бидат усвоени овие заложби, договорени уште на 2-ри август, ќе бидат познати како њујоршка декларација.
Во време на повеќестрани глобални кризни жаришта, и кога масовниот бран и наплив на бегалци и мигрантите станува предизвик за многу држави, дури и порастот на ксенофобијата во некои делови од општествата, мошне е важно сите 194 членки на ОН, заедно да се согласат за рамка за надминување на предизвикот, заедно.
Откако ќе биде усвоена, декларацијата од Њујорк за бегалците и мигрантите ќе претставува значајна пресврница кон решение за глобалниот проблем со масовната преселба во 21-от век. Со меѓународниот акт, членките ќе се обврзат на поголема солидарност кон лица кои биле принудени да ги напуштат домовите, целосно да го почитуваат достоинството и основните човекови права на мигрантите и бегалците, и сите членки да им помагаат на државите кои се погодени од напливот на бегалците низ нивна територија.
Делегатите на средбата во Њујорк ќе се обврзат за жестока битка против злоупотребата, расизмот и ксенофобијата, спасување на човечки животи долж маршутите на бегалците по воден или копнен пат, како и осигурување дека граничните процедури се во согласност со меѓународното право. Во декларацијата ќе се потенцира преземање посебно внимание за заштита на децата, жените и лицата со специјални потреби, како и обезбедување адекватно, и навремено финансирање проекти за нивно привремено згрижување.
За бегалците, во усвоената декларација се предвидува да се нагласи зголемување на поддршката за земјите кои прифаќаат најголем број од нив. Ќе биде нагласена можноста од проширување на проектите за раселување и нивно префрлање во трети земји и можноста тој тренд да продолжи да се форсира рамномерно, меѓу сите земји членки на ЕУ.
Декларацијата ќе обезбеди нацрт-рамка за содржаен одговор при наплив на бегалците и проактивни мерки за справување со бран мигранти. Тоа значи обединување на активностите на локалните власти, хуманитарните организации, но и приватниот и граѓански сектор.
Њујоршката декларација треба да ја реафирмира потребата од меѓународен заштитен режим, согласно конвенцијата за бегалците од 1951-ва, и законите за меѓународно право и човекови права. Владите треба да се обврзат дека заштитата на бегалците е заедничка одговорност, а не само на земјата која ги прифатила. Освен справување со актуелните предизвици, потребни се долгорочни планови кои ќе ја надминат досегашната политика на гаснење „хуманитарни пожари“.
Високиот комесеријат за бегалци го поздрави утрешното одржување на Самитот за глобалните бегалски кризи, под покровителство на претседателот Обама, што ќе овозможи можност за владите да направат конкретни заложби за финансирање на хуманитарните напори на меѓународните организации во поддршката на проектите за раселување и интегрирање на бегалците во општествата кои станале нивна втора татковина.
Денешниот самит во седиштето на ОН во Њујорк ќе го отвори генералниот секретар Бан Ки Мун, а главен говорник ќе биде високиот комесар за бегалци Филипо Гранди. Македонија ја претставува претседателот Иванов и ќе биде еден од бројните државници на оваа светска смотра за актуелните предизвици во справување со проблемот со бегалците и мигрантите. Се очекува, шефот на државата да се осврне на цената што Македонија ја плати да ја заштити ЕУ од бранот бегалци со оглед на балканската маршрута, кога над половина милион бегалци минаа низ нејзина територија на пат кон побогатите дестинации од Западна Европа, а за возврат Македонија, доби мала, финансиска помош од ЕУ.