Седумдесет и пет години по основањето, НАТО или Организацијата на Северноатлантскиот договор, останува најдиректниот ангажман на САД во европската безбедност.
Основана по Втората светска војна…
Во НАТО првично се придружија САД и 11 европски држави кои се заложија дека ќе си помогнат меѓусебно доколку некоја од државите би била нападната.
Тогаш во САД претседател беше Хари Труман.
„Ако има нешто што е сигурно денес, ако има нешто неизбежно во иднина, тоа е волјата на луѓето во светот за слобода и за мир“, рече Хари Труман на 4 април 1949 година.
Руската инвазија на Украина, одговорот на НАТО и улогата на Америка во европската безбедност, се нешта за што американските претседателски кандидати Џо Бајден и Доналд Трамп имаат различни ставови.
Кога Трамп беше претседател на лидерите во НАТО им рече дека не плаќаат доволно за сопствената заштита.
„Најмалку корист имаат САД. Ние имаме најмалку корист. Ние и помагаме на Европа. Европа се обединува и тие одат против заедничкиот непријател - тој може или не може да биде непријател, не може да ви го каже тоа, постојат и други непријатели“, изјави Трамп на 12 март 2019 година.
Пет години подоцна, Трамп на предизборен митинг во Јужна Каролина изјави дека зајакнувањето преку членките на НАТО, дава резултати.
„НАТО беше расцепено додека не дојдов јас. Им кажав „сите ќе плаќаат“. На тоа прашаа: „Ако не платиме, дали добиеме ли заштита?“, им вратив: „Аспсолутно не“. Не можеа да поверуваат во одговорот. Никогаш не сте виделе да се слеваат повеќе пари“, додаде Трамп.
НАТО се прошири по администрацијата на Трамп. Шведска и Финска ѝ се приклучија на Алијансата во последната година, во најголемото проширување од падот на Советскиот Сојуз, што им овозможи на државите од Источна Европа да се приклучат на НАТО.
Бајден вели дека заедничкото спротивставување на руската агресија покажува дека НАТО функционира.
„Пред да започне војната, му реков на Путин дека ако ја нападне Украина, НАТО не само што ќе стане посилен, туку и ќе се обедини. Ќе ги видиме светските демократии како се спротивставуваат на неговата агресија и да го бранат поредокот заснован на правила. Токму тоа го гледаме денес“, изјави Бајден.
Како претседател, Трамп би дал приоритет на односите со Русија и Владимир Путин. Во кампањата за втор мандат, тој се присетува на лидерот на НАТО кој прашувал за руските закани.
„Еден од претседателите на една голема држава, праша: дали ќе добијат заштита доколку не платат, а бидат нападнати од Русија. Нему му вратив со прашањеате: „Не плативте? Дали сте деликвенти?
А, тој врати: „Да речеме дека тоа се случило“... „Не, не би ве заштитил. Всушност, би ги охрабрил да прават што и да сакаат“, истакна Трамп.
Бајден вели дека пристапот кон европската безбедност е опасен за Америка.
„Поранешниот републикански претседател, [Доналд Трамп] му вели на Путин: „Прави што и да сакаш.“ Тоа е цитат. Еден поранешен претседател го кажа тоа, поклонувајќи му се на руски лидер. Мислам дека е срамота. Опасно е. И тоа е неприфатливо“, истакна Бајден.
Трамп за конзервативната британска телевизиска мрежа „GB News“ изјави дека го поддржува НАТО ако секој плати за својот дел. Бајден, пак, вели дека НАТО е посилен и пообединет од кога било и дека е во фокусот за надворешнополитичките цели на неговата кампања за реизбор.