Украинската војска соопшти дека уништила формација на руски сили во регионот Доњецк во источна Украина.
Според Украина, нападот се случил во областа Макиивка, окупирана од Русија.
Руските власти соопштија дека во украинскиот напад загинал еден цивил, а 36 се ранети.
Украина и Русија меѓусебно се обвинија дека другата страна планира да ја нападне нуклеарната централа Запорожје, која е под руска контрола, во југоисточна Украина.
Агенцијата за нуклеарно набљудување на Обединетите нации постојано предупредуваше за потенцијалот за катастрофа, со гранатирање.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека за ова прашање остварил телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон.
Безбедностa зависи од глобалното внимание на акциите на окупаторите во централата.Володимир Зеленски, претседател на Украина.
„Целиот свет сега мора да сфати дека заедничката безбедност целосно зависи од глобалното внимание на акциите на окупаторите во централата. Русија мора јасно да сфати дека светот гледа за какви сценарија се подготвуваат терористите и светот е подготвен да одговори“, рече Зеленскиј во вторникот во своето ноќно обраќање. „Радијацијата е закана за сите во светот и нуклеарната централа мора да биде целосно заштитена од какви било инциденти со радијација“.
Советник на шефот на рускиот претставник кој управува со руската нуклеарна мрежа ја обвини Украина дека планира да користи „оружје со голема прецизност и долг дострел“ за да изврши напад врз централата во Запорожје.
Објектот е најголемата нуклеарна централа во Европа и е под руска контрола од првите недели на инвазијата.
Првиот човек на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси денеска изјави дека врската на централата со нејзината главна надворешна енергија била обновена по 12-часовен прекин, што барало префрлување на резерви за да се добие електричната енергија потребна за „суштинската нуклеарна безбедност и безбедносните функции“.
И Украина и Русија тврдат дека другата страна има намера да активира експлозиви во нуклеарната централа, но Гроси рече дека инспекциите на експертите на објектот во последните денови не откриле „никакви видливи индикации за мини или експлозиви“.
Сепак, Гроси рече дека експертите на Меѓународна агенција за атмоска енергија побарале дополнителен пристап до локацијата за понатамошна проверка, особено на покривите на реакторите 3 и 4, како и во делови од турбинските сали и системот за ладење.
„Со зголемувањето на воената тензија и активностите во регионот каде што се наоѓа оваа голема нуклеарна централа, нашите експерти мора да бидат способни да ги проверат фактите на терен. Нивното независно и објективно известување би помогнало да се разјасни моменталната ситуација на локацијата, која е клучна во време како ова со непотврдени наводи и контра обвинувања“, рече Гроси.
Дел од информациите доаѓаат од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.