Отец Макариј Дутка е монах во Украинската грчко-католичка црква и кревач на тегови. Тој тренира со својот тренер Павло Зинко во оваа мала теретана.
„Секоја недела доаѓам да го гледам, тоа го правам со години“, вели тренерот Зинко.
Годините на тренинзи се исплатеа, бидејќи Дутка стана шампион во кревање тегови во Украина. Тој вели дека не е лесно да се комбинира неговата кариера со кревање тегови со неговиот монашки живот.
„Понекогаш е тешко затоа што нема протеини во исхраната. Особено за време на Великиот пост, два месеци пред Велигден, воопшто не јадеме месо. Рибата е многу ретка“, објаснува монахот Дутка.
Друг поттик на Дутка е собирање пари за купување опрема на украинските вооружени сили. За време на една од неговите активности за собирање средства, тој вели дека собрал околу 2.600 долари за само еден ден.
По освојувањето на златниот медал во кревање тегови на натпреварувањето во Купот Спарта во Украина во април, тој си зададе цел да собере од донатори, пет пати повеќе.
„Да бидам искрен, собрав околу 12.000 долари за два дена. По турнирот, стотици луѓе ми честитаа. Но, едноставно ги замолив луѓето наместо тоа, да донираат за вооружените сили“, вели Дутка.
И во текот на изминатите само четири месеци, Дутка вели дека собрал околу 225.000 долари од Украинците ширум светот. Верува дека да се биде активен на социјалните мрежи е од голема помош.
Благодарение на помошта на Дутка, добротворната организација со која тесно соработува - Wings of Victory - успеа да купи 350 беспилотни летала и да ги испрати на првите борбени линии каде борците како Назар Хритсишин велат дека војниците се изненадени од колкава помош доаѓа од еден монах.
„Кога овие беспилотни летала ги носам на првите борбени линии и кажувам дека се од отец Макариј, соборците се изненадени како едно лице може да генерира толку голема поддршка за нашата единица и другите бригади“, вели Хритсишин.
Дутка вели дека ќе биде дел од натпреварувањето во кревање тегови по повод одбележувањето на независноста на Украина.