Американски реакции на ситуацијата во Украина

Обама: САД размислуваат за чекори за „изолирање на Русија“; Мекејн: Дрзок потег на Путин, што не смее да мине без реакција.
Претседателот Барак Обама ја осуди Русија дека е „на погрешната страна на историјата“ поради мобилизирањето на сили околу украинскиот полустров Крим. Тој даде ваков коментар откако Русија по воден пат префрли војници на Крим.

Обама понеделникот изјави дека САД размислуваат за серија економски и дипломатски чекори „што ќе ја изолираат Русија“.

„Милам дека светот е во најголем дел обединет дека чекорите што ги презеде Русија го прекршуваат украинскиот суверенитет, украинскиот територијален интегритет, дека е прекршено меѓународното право. Прекршени се претходните спогодби на кои Русија се согласи во однос на тоа како ги третира и почитува соседите, и, како последица, дојде енергична изјава од НАТО, од Г-7, осудувајќи ги постапките на Русија, рече Обама.

Тој го повика Конгресот да подготви пакет-помош за Украина.

Претходно, Стејт департментот соопшти дека Вашингтон се подготвува да воведе санкции против Москва, но портпаролката Џен Псаки не даде детали.

Дравниот секретар Џон Кери ќе замине за Украина, во обид да ја смири кризата на релација Киев-Москва.

За ситуацијата се огласи и влијателниот републикански сенатор Џон Мекејн.

Ова е дрзок потег на Владимир Путин, таков што мора да биде неприфатлив за меѓународната заедница. Не може да се одржи. Во моментов не постои армиска опција што може да се примени, но најмоќната, најголемата и најсилната нација во светот треба да има многу (други, н.з.) опции“, рече Мекејн.